Линкови за пристапност

Сојузниците во Чикаго нема да одлучуваат за проширувањето


Но ќе испратат јасна и позитивна порака до земјите-аспиранти, според Тина Кајданов од Стејт департментот, која сведочеше во Конгресот.

„Сојузниците во Чикаго нема да одлучуваат за натамошното проширување на НАТО, но без оглед на тоа, ќе испратат јасна и позитивна порака до земјите-аспиранти, поддржувајќи ја нивната цел да станат членки“ изјави синоќа Тина Кајданов, главниот заменик-помошник државен секретар за европски и евроазиски прашања во Стејт департментот.

На распитот во Комисијата на Претставничкиот дом за надворешна политика, посветен на Самитот на НАТО во Чикаго, американската владина претставничка уважи дека „Македонија ги исполнила клучните критериуми што се бараат од НАТО-членките и придонела за регионалната и глобална стабилност“, но потсети дека за Македонија да добие покана за членство, потребно е обострано прифатливо решение на спорот со името меѓу Грција и Македонија, како што беше одлучено на Самитот на НАТО во Букурешт.

Конгресменот Грегори Микс (демократ од Њујорк) рече дека НАТО-земјите мора да ги уважат чекорите што Босна и Херцеговина, Грузија, Македонија и Црна Гора ги направиле на патот кон Алијансата. Тој изрази и загриженост за билатералните конфликти што го исцрпуваат НАТО, наведувајќи го во тој контекст спорот со името меѓу Скопје и Атина.

За конгресменот Елиот Енгел (демократ од Њујорк), на Грузија, Украина, Македонија, Косово, Црна Гора и Босна треба да им се дозволи да влезат во НАТО.

„Тие го сакаат тоа и треба да ги пречекаме со раширени раце“, рече Енгел.

Конгресменката Џин Шмит (републиканка од Охајо) мисли дека е мошне важно САД да испратат јасна порака дека стојат зад аспирантите. Таа му замери на НАТО што нема примено нови членови уште од 2009-та, и покрај придонесот што го даваат Македонија, Црна Гора, Грузија и Босна. Шмит запраша дали проширувањето и натаму е приоритет на американската влада, и, доколку е, зошто не е на дневниот ред во Чикаго? Повикувајќи се на неодамнешната изјава на поранешната државна секретарка Кондолиза Рајс, која смета дека Македонија е подготвена за полноправно членство, Шмит ја запраша Кајданов - дали се согласува со таа оценка? На крај, сакаше да знае и како САД им помагаат на аспирантите да се подготват за членството во НАТО.

Кајданов возврати дека САД ја поддржуваат идејата за состанок во Чикаго на министерско ниво со земјите-аспиранти, на кој ќе биде подвлечено колку е важен процесот на проширување и дека тој ќе продолжи. Таа рече и дека САД им помагаат на аспирантите со тоа што тесно соработуваат со нив во демократските и економски реформи, но и во одбранбените, како армиската модернизација, на пример.

Конкретно за Македонија, Кајданов повтори дека решавањето на спорот е предуслов за членство зацртан во одлуката на Самитот во Букурешт, дека НАТО е организација заснована на принципот на консензус и дека САД нема да штедат дипломатски напори овој спор да се реши.

Конгресменот Тим Грифин (републиканец од Арканзас) коментираше дека Македонија, како и Грузија, рамо до рамо учествува со САД во Авганистан, за разлика од некои НАТО-сојузници кои не ја споделиле таа обврска. Тој сакаше да знае како одлуката на Меѓународниот суд на правдата може да фигурира во однос на приемот на Македонија во НАТО.

Повторувајќи го ставот - прво решение за името, па веднаш потоа членство, Кајданов изрази надеж дека пресудата ќе даде поттик спорот да биде решен.

„Во тоа ќе инвестираме дипломатски напор, но проблемот е во тоа што тие (Грција и Македонија, н.з.) мора да најдат обострано прифатливо решение“, рече претставничката на Стејт департментот. Таа очекува по изборите во Грција да дојде до нов напор за ангажирање на земјите во продуктивна дискусија.

XS
SM
MD
LG