Нелегалното преминување на границата во иднина може да биде како акробатска вежба. Во предлог-документот се дискутира за поставување и протегање оградата на мал дел од северната граница. Исто така се планира подобрување на патролирањето, инсталирање радари, камери и беспилотни летала - се` со цел регистирање на илегални преминувања. Но, идејата за оградување не е секаде добро примена. Пратеникот од провинцијата Британска Колумбија Бери Пенер, кој го претставува регионот долж границата, вели:
„Ова е разочарувачки развој на настаните по долги години на живеење како добри соседи“, вели тој.
Како одговор на ваквите размислувања, американската погранична агенција се обидува да ги отстрани стравувањата. Дон Бекам од Агенцијата за заштита и контрола на границите вели дека намерата не е да се изгради ограда како челична завеса, како што е случајот со јужната американско-мексиканска граница:
„Навистина размислуваме за поставување ограда, но само на конкретни локации и тоа претежно во оддалечени делови со цел да спречиме луѓе буквално со автомобил да ја минуваат областа наместо преку одбележан граничен премин“.
Бекам вели дека е целосно нереално да се очекува да се спречат илегални преминувања со помош на ограда долж 6500 километарската граница меѓу САД и Канада. Неговиот тим претпочита пофлексибилен пристап со широка лепеза на безбедносни мерки:
„Разгледуваме модел за следните пет до седум години, зашто знаеме дека безбедносната закана не е статична. Таа се менува постојано и федералната агенцијата за заштита на границите има потреба да одговори на тие закани“, додаде тој.
Бекам вели дека неговата агенција ги анализира размислувањата од јавноста и нема да донесе конечна одлука за следниот чекор барем до следната година.
Колумнистот во весникот „Ванкувер Сан“ Вонг Палмер напиша дека е иронично да се отвара дискусија за оградување на дел од границата во време кога канадската влада е во интензивни разговори со владата на претседателот Обама за формирање заеднички Северноамерикански безбедносен пакт.