Линкови за пристапност

Јануш Бугајски: САД да имаат силна дополнителна улога во решавање на спорот со името


Јануш Бугајски: САД да имаат силна дополнителна улога во решавање на спорот со името
Јануш Бугајски: САД да имаат силна дополнителна улога во решавање на спорот со името

Стручњакот од Центарот за стратешки и меѓународни истражувања во интервјуто за Гласот на Америка на македонски вели и дека е против идејата за референдум

САД треба да имаат силна дополнителна улога во процесот за разликите околу името меѓу Македонија и Грција за да ги придвижат обете страни кон прифатливо решение, смета Јануш Бугајски, директорот на проектот Нови европски демократии во Центарот за стратешки и меѓународни истражувања во Вашингтон.

„Не би рекол дека САД треба да земат водечка улога во оваа фаза, туку силна дополнителна улога. Со други зборови - двете страни ги почитуваат САД - и Атина и Скопје. САД немаат влог во конфликтот, сакаат решение, сакаат што е можно побрзо да ја приближат Македонија до ЕУ и НАТО“, рече Бугајски во интервјуто за Гласот на Америка на македонски.

Бугајски смета дека не е добра идејата за референдум во Македонија за евентуалното компромисно решение за името.

„Не мислам дека референдумот е добра идеја за одлучување на такви прашања, без оглед дали се работи за големо меѓународно прашање, надворешнополитичко прашање или спогодба. Преку референдум ќе се создадат повеќе проблеми отколку решенија, затоа што ако имате противење, владата може да каже - не може да прифатиме, затоа што јавноста е против. Тоа значи дека Македонија ќе остане бесконечно заглавена во средина“, вели Бугајски.

За ставот на американската влада дека решението на спорот и влезот на Македонија во НАТО се битни и за пошироката регионална безбедност, Бугајски коментира дека „би било идеално да се наде решение за прашањето за името пред Самитот во Лисабон во ноември, со што Македонија би добила покана за членство во НАТО. Тоа би бил почеток на крајот на процесот на интеграција на Западниот Балкан во НАТО“, изјави Бугајски за Гласот на Америка на македонски.

XS
SM
MD
LG