Линкови за пристапност

Шкотска останува дел од Обединетото Кралство


На историскиот референдум за независност, 55% од гласачите заокружија „против“, а 45% - „за“.

Шкотска ќе остане дел од Обединетото Кралство. На историскиот референдум за независност, 55% од шкотските гласачи заокружија „против“, а 45% - „за“.

Во најголемиот шкотски град Глазгов, 61% ја поддржаа независноста, додека 39% беа за продолжување на 307-годишниот сојуз со Британија. Во главниот град Единбург, пак, исто како и во третиот по големина Абердин, противниците на независноста однесоа победа со голема разлика.

Алстер Дарлинг, водачот на кампањата „Подобро заедно“ за останување во рамки на Обединетото Кралство, кажа дека резултатот на референдумот е од огромно значење за Шкотска, но и за Британија во целина.

„Луѓето во Шкотска решија. Избрвме единство, а не поделба, и позитивна промена наместо непотребно одвојување“, рече Дарлинг.

Признавајќи го поразот, шкотскиот националистички водач Алекс Салмонд оцени дека референдумот е триумф на демократскиот процес и ги повика поддржувачите на независноста да го прифатат исходот од гласањето.

„Мнозинство во Шкотска одлучи, во овој момент, да не бидеме независна држава. Ја прифаќам таа одлука на народот и ги повикувам сите во Шкотска да ја почитуваат таа демократска волја на Шкотланѓаните“, кажа Салмонд. Тој побара официјален Лондон да го исполни ветувањето да даде поголеми овластувања на шкотските законодавци.

Британскиот премиер Дејви Камерон коментираше дека сега кога дебатата за шкотската независност е завршена, Британија ќе ги испочитува своите заложби да и` даде на Шкотска нови овластувања, како на пример во областите на даноците, трошоците и социјалната заштита. Камерон рече дека истите права ќе бидат дадени и на Англија, Велс и Северна Ирска.

97% од 4-те милиони лица во Шкотска што имаа право на глас се регистрираа да се изјаснат на референдумот. Излезноста беше 86%.

XS
SM
MD
LG