Линкови за пристапност

Британската надворешна политика на новата влада


Британската надворешна политика на новата влада

Британските односи со Европа се очекуваше да бидат главна пречка во коалицијата која ја формираа двете партии

Вилијам Хаг е нов министер за надворешни работи. На првиот ден од новата влада, тој сигнализираше дека нема да има поголемо зближување на односите меѓу Британија и Европа. Тој рече дека одлуката е донесена со апсолутно мнозинство во неговата партија, Конзервативците, и со коалициониот партнер, Либерал-демократите.

„Не беше тешко да се договориме затоа што ниту една партија не сака давање поголема моќ на ЕУ“, рече Хаг.

Тој кажа дека двете партии се согласиле да нема предлог Британија да го прифати еврото.

Британските односи со Европа се очекуваше да бидат главна пречка во коалицијата која ја формираа двете партии. Либерал-демократите се залагаа за поблиски односи со ЕУ.

Но, Марк Викман Џонс од британскиот Универзитет во Бристол, рече дека конзервативниот евро-скептицизам, најверојатно ќе победи: „Може да се очекуваат евентуални промени во односите со Европа, но не многу позитивни под водство на Конзервативците. Конзервативците имаат отворена антипатија спрема Европа и рекоа дека нема да има големи иницијативи во Европа и Либерал-демократите ќе бидат принудени да ја прифатат агендата“.

Секретарот за надворешни работи рече дека владата сака да формира поблиски односи со економиите во развој, особено во Јужна Азија, Северна Африка, Јужна Америка, каде, според него, „има економска акција“.

Тој индицираше дека под конзервативната влада Британија може да има промени во односот кон САД:

„Дејвид Камерон и јас секогаш велевме дека сакаме цврсти, но не сервилни односи со САД. Нема сомневање дека нема да се договориме за се`. Но заедно сме за нуклеарни прашања, меѓународна дипломатија, што правиме во Авганистан –и натаму ќе бидат незаменлив партнер на оваа земја“.

Професорот Мајкл Кокс од лондонската Школа за економија вели дека дистанцирање од САД е расположение во цела Британија: „Од времето на Тони Блер и Џорџ Буш, за време на ирачката војна, имаше многу разговори дека Британија не треба да биде толку сервилна кон САД и дека треба да води политика согласно британските интереси“.

Сепак, тој смета дека било која разлика во односите ќе биде повеќе реторичка отколку фактичка политика. Најзначајно, вели тој, е што британската политика во Авганистан и во Пакистан - нема да се промени.

Евентуално голема промена во британската надворешна политика, вели Кери Браун од лондонската истражувачка група Чатлам Хаус, ќе биде наложена поради коалиционата влада:

„Најверојатно нема да видите неочекуван унилатерален чекор, некоја иницијатива, затоа што ќе мора да се постигне консензус“, наведува Хаус.

Браун подвлече дека економијата ќе биде главна грижа на новата коалиција и дека нема да се случат големи промени во надворешната политика во блиска иднина.

Новата влада ја презеде власта во вторникот навечер и е прва коалициона влада во Британија по речиси 70 години.

XS
SM
MD
LG