Овој бивш логораш во нацистичка Германија, кој животот го посвети на ширење на вистината за холокаустот, бил потресен од пријателите и роднините на жртвите кои му кажале како се однесувале светските лидери кои доаѓале во посета на Босна.
„Државниците ја негираа трагедијата на босанскиот народ. Јас требаше да им поверувам, но не го сторив тоа. Агитирав насекаде каде можев. Преку весници, текстови, телевизија, се обидов да му помогнам на Сараево, на неговите жители“, раскажува Визел.
„На отварањето на Музејот на холокаустот во Вашингтон, се обратив до претседателот Клинтон. Му реков дека по тоа што го видов во Сараево, мора да стори, се` што е во негова можност, за да го сопре крвопролевањето во градот. Факт е дека тие мои зборови ја сменија политиката на САД“, потенцира нобеловецот.
За разговорите со водачите на босанските Срби, се присеќава дека се обиделе да го убедат дека се на добрата страна, но, очигледно, како што вели - не биле.
„Имав мачни разговори, особено со Радован Караџиќ, кој се обиде да ме убеди дека е психијатар, поет, но не му успеа. Слично беше и во разговорите со Слободан Милошевиќ, но не му поверував. Сепак, светот не стори доволно да го запре тоа лудило. Претседателот Клинтон беше единствениот кој рече дека крвопролевањето мора да запре. Прв пат во животот почувствував дека ми тежи зборот“, наведува Визел.
Јас имав една цел, додава сведокот на ужасите на Босанската војна: “Одговорните за сите злодела треба јавно да бидат изложени на судот на светската јавност за злосторствата кои ги извршија во Сараево“.
На прашање - погледнато од сегашната временска дистанца, што би сторил за да се избегнат крвопролевањата во Босна, Ели Визел вели: „Веднаш би ја запрел војната, ако треба и со интервенција. Веднаш би испратил армиски единици да ги запрат убијците во крвопролевањето“.