Линкови за пристапност

Сирија го следи патот на Босна


Вилијам Хејг: Сирија потсетува на Босна од 90-тите
please wait

No media source currently available

0:00 0:01:50 0:00
Direct link

Вилијам Хејг: Сирија потсетува на Босна од 90-тите

Тврди британскиот министер за надворешни работи Вилијам Хејг

Сараево, на почетокот од 1990-тите. Босанските Срби користат артилерија против невооружени цивили.

Хомс, Сирија, месецов. Видео на Интернет покажува напад од тешка артилерија врз цивилни куќи, но материјалот не можеше официјално да биде потврден.

Британскиот министер за надворешни работи Вилијам Хејг при неодамнешната посета на Пакистан предупреди дека Сирија оди по балканската патека.

„Режимот користи тешка артилерија во цивилни области, а потоа испраќа паравоени единици да убиваат. Тоа потсетува на Босна на почетокот на 90-тите“, вели Хејг.

На меѓународната заедница и` требаа три години да интервенира на Балканот. Во меѓувреме беа убиени, според проценките, 100.000 лица - најголемата цивилна загуба во Европа по Втората светска војна. Конечно, акцијата на НАТО против силите на босанските Срби го забрза крајот на војната во 1995-та.

Хејг ја обвинува Русија дека ги блокира дипломатските напори за запирање на конфликтот во Сирија. Не прецизираше дали Западот разгледува воена интервенција, но не ја исклучи.

„Военото решение би значело поголем број загубени животи и ново страдање за сирискиот народ. Затоа, сакаме да се примени планот на Анан“, кажа британскиот шеф на дипломатијата.

Британскиот политичар Педи Ешдаун, кој беше виш претставник на ОН за Босна и Херцеговина од 2002-ра до 2006-та, ја разбира споредбата со Сирија, но до извесен степен.

„Има многу разлики. Главната - во Босна можевме да реагираме, но го избравме спротивното. Во Сирија сакаме да реагираме, но не можеме“, размислува Ешдаун.

Додека траат дипломатските обиди, ОН во извештај ги обвинија сириските сили дека вршат тортура врз деца и ги користат како жив штит.
XS
SM
MD
LG