Македонската џез-група „Тавитјан брадерс“ неделата настапи во реномираниот њујоршки клуб „Блу ноут“. Диран и Гаро Тавитјан велат дека многу научиле од својот татко Гарабет, легендарниот тапанар на „Леб и сол“, кој им помогнал да се изградат како музичари.
Авторски материјал на Диран и Гаро – јуниор, неколку стандарди од светското џез-наследство, но и неколку македонски фолк-мотиви во џез стил; вака, накусо, може да се опише вечерта со „Тавитјан брадерс“ во Њујорк.
Диран, Гаро и Горан Гешовски наидоа на одличен прием на публиката во „Блу ноут“ во Њујорк.
Постариот Диран вели - имавме огромна чест да настапуваме во клубот во кој свирел Чарли Паркер, на пример. Признава, големо е влијанието од својот татко, како за досегашниот успех во музичкиот бизнис, така и за креативноста.
„Сме настапуваме во многу места во нашата држава, но и во светот. Секогаш кога ќе чујат дел од нашиот фолклор, им е интересно - исто како што ние кога слушаме некоја музика која е нетипична за нашето подрачје. Во Европа и Америка има многу квалитетни музичари, секогаш се цени барем еден процент на - оргиналност. Ако успеете да отскокнете и да понудите нешто квалитетно, сте направиле голем успех. Македонската музика има капацитет за тоа“, вели Диран.
Тој не исклучува повторно музицирање во проектот „Гаро и Парамециум“ во кој 10-тина години настапуваа заедно со брат му.
28-годишниот Гаро Тавитјан - јуниор, стипендист на Беркли во Бостон, гордо го носи името на неговиот татко, и со жар говори за карактеристиките на македонскиот етно-мелос.
„Богати сме со една таква историја и мелос кој е толку многу комплициран, слушлив и певлив, од аспект на мелодии, но ритмиката е веројатно таа што го плени целиот свет. Основниот ритам во Македонија е 7/8. Потоа се движи кон 9, 11, 13, но акцентските целости се тие што ги разликуваат тие 7/8 од оние што се свират на Запад“, раскажува Гаро.
По Њујорк, „Тавитјан брадерс“ продолжуваат за Лондон, каде ќе настапат на тамошниот џез-фестивал по повод 200- годишнина од раѓањето на Фредерик Шопен. Следуваат и два концерти во Португалија.
Деновиве се подготвуваат и за снимање на новиот спот од проектот „Македонското срце чука во 7/8“, каде балкански ѕвезди пеат традиционални македонски песни.
Патриотизам или културно освестување? И двете, велат браќата. Идејата била да се приближи македонскиот мелос до помладата публика на просторот на поранешна Југославија.