Ако ги прашате Њујорчани, каде може да се слушне добар џез – одговорот е брз и едноставен – „Блу ноут“. Легендарниот клуб и по двеипол децении постоење останува промотор на млади таленти, но и сцена за легендарните имиња од светот на џезот.
Tешките економски времиња не се одразуваат многу на ова место што е редовно полно – со верна публика и туристи на минување.
Од почетоците во далечната 1981-ва, „Блу ноут“, како колевка на џезот, е еден од најпознатите клубови во светски рамки и реномирана културна институција во њујоршкиот кварт Гринич Вилиџ. Сопственикот и основач Дени Бенсусан за Гласот на Америка вели дека неговата визија била да направи катче каде реномираните музичари ќе бидат третирани со почит, а на обожавателите да им понуди пријатна, топла, удобна атмосфера за уживање во звуците на џезот.
Низ клубот минале многу имиња како Сара Вон, Лајонел Хамптон, Дизи Гилеспи, Стенли Турантајн, Оскар Питерсон, Реј Браун, Тито Пуенте, Чик Кореа, Џо Ловано, Џон Скофилд...
Непобитен факт е дека корените на џезот потекнуваат од САД. „Блу ноут“ се обидува да ја зачува историјата, но и да биде покровител на нови и авангардни правци.
„Блу ноут“ воведе и таканаречени понеделнички ноќи, каде им дава простор за експонирање на бројни џез, соул, хип-хоп и ар-енд-би таленти. Музичарите тука имаат слобода да експериментираат.
По 25 години опстојување, овој клуб продолжува да го носи факелот на џезот и во 21-от век во културната престолнина на Њујорк - Гринич Вилиџ.