Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) од денеска привремено го затвори македонскиот пазар за увоз на жива живина и преработки од пилешко месо од Холандија, Германија и Велика Британија, откако на неколку фарми во овие земји од ЕУ е откриено присуство на нов поттип на птичјиот грип Х1Н8.
„Овој поттип на вирус е многу вирулентен се пренесува и на луѓето, односно е зооноза, и се претпоставува дека во оние земји каде што е појавен е пренесен од дивите птици кои се носители на овој вирус и кои дошле до фармски чуваната живина“, ја објаснува причината за ваквата одлука директорот на АХВ, Зоран Поповски.
Во Македонија има солиден увоз на пилешко и производи токму од овие земји, но Поповски уверува дека се` што досега е влезено на македонскиот пазар е сосема безбедно.
„Сите производи кои досега се влезени во Македонија се безбедни бидејќи се пропратени со ветеринрни сертификати што ги издаваат нивните релевантни институции, при што се земаат предвид контролите пред обработката и после тоа. Овие сертификати важат за сите земји од ЕУ и за трети земји Целокупните производи влезени на македонскиот пазар се пропратени со истите сертификати кои гарантират безбендост на тој производ, вели тој.
За две недели, ова е втор пат Агенцијата да реагира на увозна храна. На реакциите на јавноста за лимоните со потекло од Турција, што наводно биле третирани со имазалил, средство што се користи за прскање на кората на јужното овожје за подолго задржување на бојата и свежината, а што според Интернет-пишувањата е канцерогено, Агенцијата на почетокот на овој месец реагираше дека се` што се наоѓа на нашите пазари е безбедно по здравјето.