Линкови за пристапност

Бил Тошев: Македонец, некогашен играч, потоа активист во НБА


Бил Тошев: Македонец, некогашен играч, потоа активист во НБА
Бил Тошев: Македонец, некогашен играч, потоа активист во НБА

Тошев е првиот Македонец што играл во дресот на тогашните Олимпианс од Индијана на почетокот на 60-тите години од минатиот век

Животниот пат на Македонецот Бил Тошев е како филмско сценарио: надежен спортист во средно училиште во четири дисциплини; член на екипажот на бомбардер во Втората светска војна; играч, а потоа и активист во НБА.

На неодамна завршената Конвенција на Македонската патриотска организација во Детроит, сојузната држава Мичиген, беше главен говорник. За Гласот на Америка вели: „Горд сум што сум Македонец и што играв рамо до рамо со многу ѕвезди“. Тошев е првиот Македонец што играл во дресот на тогашните Олимпианс од Индијана на почетокот на 60-тите години од минатиот век.

Ако се суди според мотивацијата и енергијата со која прифаќа нови предизвици, ќе си помислите дека Тошев е младич. Но, неговото име веќе е во Халата на славните на НБА поради играчката кариера, но и ангажманот како адвокат да издејствува пензии за играчите кои биле дел од американската кошарка уште пред да се формира професионалната лига.

Бил Тошев: Македонец, некогашен играч, потоа активист во НБА
Бил Тошев: Македонец, некогашен играч, потоа активист во НБА

„Јас ги застапував тие ветерани. Бев на конгресен распит во 1998-ма и во 2005-та успеав да издејствувам пензии за 40 од 85-мината кои ги претставував. За жал, 45-ца од нив во меѓувреме починаа, но доколку нивните сопруги се` уште се меѓу живите, се стекнуваат со половина од пензијата“, вели Тошев.

Тошев и денес редовно следи натпревари од НБА. Не сака да каже кој му најомилн играч по име, но затоа вели: „Знаете, мене ми се интересни ниските играчи. Во мое време се играше со куси шорцеви, а денес играчите имаат долги, речиси како фустани. Ги сакам играчите кои се вешти со баскетот и кои се брзи, кои имаат преглед на играта и знаат во кој момент да ја додадат топката“

Македонија се пласира за наредното Европско кошаркарско првенство. Тошев ја гледа иднината на македонската кошарка во поголема размена со САД: „Најпрво треба да се испраќаат македонски играчи на универзитети во САД. Тоа е важно, затоа тука се учат основните правила за добро тренирање. Во САД има пари за таквите напори. Затоа има многу играчи од поранешна Југославија, Аргентина, Италија, кои во САД созреваат кога играат пред публика од 20.000 луѓе“.

Тошев има и оригинален совет за младите кошаркари.: „Им велам да прават како кога Македонците играат оро. Ако нозете не играат – нема кошарка!“

XS
SM
MD
LG