Министерот за одбрана на Република Македонија Фатмир Бесими ја продолжува посетата на САД со излагање на годишните билатерални одбранбени консултации во Пентагон. Делегациите на двете земји ќе дискутираат за натамошниот американски ангажмано во Европа, македонската одбрана во иднина, очекувањата од периодот по повлекувањето на меѓународните сили од Авганистан, во кои учествува и Македонија, како и одбранбената соработка на Балканот.
Бесими на 16-ти април ќе се сретне со американскиот секретар за одбрана Леон Панета. Тој претходно ќе ја посети и сојузната држава Вермонт, каде ќе се сретне со гувернерот Питер Шумлин, а на универзитетот на Вермонт ќе одржи тркалезна маса. Силите на Армијата на Република Македонија и Националната гарда на Вермонт заеднички дејствуваат во мисијата во Авганистан.
По враќањето во главниот град на САД, првиот човек на македонската одбрана на универзитетот Џорџтаун во Вашингтон ќе говори за улогата на Македонија во одбранбената соработка на Балканот и придонесот во меѓународните мировни мисии.
Партнерството со Вермонт започна со потпишувањето на Меморандумот за разбирање во 1994-та, што беше првата странска и американска прорама за поддршка и развој на независна Македонија. Според Министерството за одбрана, Националната гарда на Вермонт и АРМ од 1995-та - наваму реализирале над 200 заеднички активности и проекти.