Линкови за пристапност

Обама: Насилниците треба да се третираат како „криминалци“


Претседателот на САД смета дека нема оправдување за уличното насилство во Балтимор

Претседателот Барак Обама повика одговорните за насилствата во понеделникот вечерта во градот Балтимор да се „третираат како криминалци“.

Насилствата избувнаа во градот по погребот на 25-годишниот Фреди Греј, Афро-Американец кој почина во полициски притвор на почетокот од месецот.

Претседателот Обама рече дека тоа што се случи во Балтимор во понеделникот го одвлече вниманието од мирољубивите протести кои неколку дена беа фокусирани на, како што рече, „целосно легитимни поплаки“ во врска со смртта на Греј.

„Нема оправдување за ваков вид на насилство“, рече Обама во изјавата од Белата куќа. „Тоа е контрапродуктивно“, оцени тој.

„Кога поединци со шипки кршат врати и ограбуваат, тие не протестираат, тие не испраќаат порака, туку крадат. Кога палат објекти , уништуваат продавници и бизниси, тие уништуваат можности во нивните заедници“, рече Обама.

„Неколкумина ја користат ситуацијата за нивните цели, и тие треба да бидат третирани како криминалци“, додаде тој.

Коментарите на претседателот Обама уследија откако гувернерот на Мериленд, Лари Хоган, се заложи дека Балтимор нема да има уште една ноќ, како претходната.

„Вечерва тоа нема да се случи, ќе сториме се` да се врати Балтимор во нормала“, рече Хоган.

Насилството започна откако стотици средношколци се упатија кон локален трговски центар во источен Балтимор, по завршувањето на наставата. Собири се случиле и во други населби, што ја надминала бројноста на полицајците кои требало да ги држат под контрола протестите, кои потоа прераснале во насилство.

Демонстантите запалиле неколку продавници и возила и фрлале камења, цигли, шишиња и други предмети врз полицајците. Полицискиот комесар Ентони Бетс рече дека 15 полицајци биле повредени во судирите, вклучувајќи шестмина хоспитализирани. Најмалку 20-тина лица биле уапсени.

„Го разбирам гневот. Не ова што го гледам не е гнев, туку уништување на заедницата“, изјави градоначалничката Ролингс–Блејк, нарекувајќи ги демонстрантите криминалци.

Семејството на Греј повика на смирување на страстите. „И јас сум сум повредена, но не сакам да бидете на улица“, рече мајката на Фреди Греј, Глорија Дарден. „Сакам целосна правда за мојот син, но не на овој начин. Немојте да го уништувате градот. Тоа е погрешно“, рече таа.

XS
SM
MD
LG