Линкови за пристапност

Конференција во Вашингтон за трансформација на Балканот


Конференција во Вашингтон за трансформација на Балканот

На последната средба со грчкиот премиер Јоргос Папандреу во Белата куќа, претседателот Обама му порачал дека прашањето со името мора да се реши во следните месеци, рече Џонс

Стручњаци и дипломати на конференција во Центарот за стратешки и меѓународни истражувања во Вашингтон понеделникот дебатираа на тема „Трансформирање на Балканот: безбедност, политичка стабилност и економски развој“.

На настанот што првенствено се бавеше со грчко-американската соработка на Балканот, амбасадорот на Грција во САД Василис Каскарелис истакна дека земјата е сојузник на кој Вашингтон може да му верува. Грција, според Каскарелис, и натаму ќе ја држи вратата за членство во ЕУ отворена за сите земји од Балканот.

Проблемот со името беше споменат во контекст на негово брзо решавање, поради потребата од поширока регионална безбедност. На конференцијата беше поставено и прашање за поголема ангажираност на САД, со оглед дека нма видливи резултати од досегашните преговори во рамки на ОН.

„ОН мора да останат централен медиум за процесот. На тоа се обврзаа двете страни, како и САД и ЕУ. Секако дека има многу дискусија надвор од процесот во рамки на ОН со цел да се помрднат работите, но никој нема поголемо влијание во процесот од грчката и македонската влада. Одговорноста за пронаоѓање решение лежи кај лидерите од двете земји“, рече американскиот заменик-помошник државен секретар Стујарт Џонс.

Тој смета дека посредникот на ОН Метју Нимиц одлично си ја врши работат и се надеве дека ќе биде најдено решение летово. На последната средба со грчкиот премиер Јоргос Папандреу во Белата куќа, претседателот Обама му порачал дека прашањето со името мора да се реши во следните месеци, рече Џонс.

Грчкиот амбасадор Каскарелис мисли дека е лоша идеја да се помести тежиштето на преговорите надвор од ОН, затоа што Светската организација овозможува специфична рамка на прифатени принципи од сите земји.

„САД секако можат да помогнат во процесот, ние бараме помош од нив - да помогнат со идеи, дискусии, да ја анализираат ситуацијата, но јас верувам дека би било лошо прашањето да се тргне од надлежност на ОН“, кажа Каскарелис.

XS
SM
MD
LG