Линкови за пристапност

Уставно право, но колкава опасност?


Уставно право, но колкава опасност?
Уставно право, но колкава опасност?

Ракувањето со оружје е секојдневие за многумина во САД.

Инцидентот во Аризона повторно ја отвори дебатата за правото на носење на оружје во САД. Јавноста во САД е поделена околу носењето на оружје. Се работи за уставно загарантирано право, но колкава е опасноста?

Ракувањето со оружје е секојдневие за многумина во САД.

„Првенствено го користиме за лов, за да обезбедиме храна за семејство. Но, сакаме и да гаѓаме во мети“, вели Шон Дуел, кој живее во предградие на Тусон, сојузната држава Аризона.

На скришно место во спалната соба чува полуавтоматско оружје. „За лична заштита. Се надевам дека нема никогаш да го употребам. Но, попрво би го имал, отколку да го немам“, резонира Дуел.

Оружениот инцидент во Тусон го сврти вниманието на флексибилниот закон за поседување оружје во Аризона, за кој критичарите велат дека му олеснил на 22-годишниот Џаред Лафнер да дојде до пиштолот со кој пукаше.

Џонатан Лови од Центарот за спречување на оружено насилство од Вашингтон ги критикува неодамнешните промени во законот на Аризона. „Сега практично секој може да носи скриено оружје, без дозвола“, вели Лови. Според него, дебатата не е за или против оружје, туку дали тоа треба да биде во раце на опасни луѓе.

Националното здружение за рачно огнено оружје, моќна организација, успешно лобира во Вашингтон за да спречи рестрикција при купувањето на оружје.

Во Аризона, оружјето е дел од секојдневието. Дури и конгресменката Гифордс има пиштол Глок, како оној со кој беше погодена во главата.

Жителите на Аризона со различни мислења. Некои од анкетираните велат дека е многу лесно да се стаса до оружје и не постои причина зошто граѓаните треба да поседуваат оружје како полуавтоматски пиштол. Други, пак, сметаат дека е оружјето е потребно за заштита. Анкетите ширум САД покажуваат дека многумина сопственици на оружје би прифатиле некои ограничувања доколку тоа би спречило трагедии како онаа во Тусон.

XS
SM
MD
LG