„Ringling Brothers and Barnum & Bailey“ е најстарата циркуска компанија што се` уште е оперативна. Започна да дава претстави во раните 1890-ти. Повеќе од еден век подоцна, компанијата одржува многу од традициите на циркусот – вклучувајќи и патување со воз. Два циркуски воза се на шини во исто време, со две различни групи на изведувачи. Гласот на Америка ги сретна во Вирџинија.
Најновата претстава на „Ringling Brothers and Barnum & Bailey“ се вика „Змејови“.
Директорот на циркусот Џонатан Иверсон е поранешен оперски пејач кој се приклучил на циркусот пред десетина години. Бил привлечен од историјата и мистиката на компанијата што себе си се нарекува “Најграндиозната претстава на Земјата“.
„Дел од мистиката е“, вели тој, што тоа е „најголемиот воз во сопственост на приватна компанија. 350 изведувачи и актери и членови на екипата и животни кои патуваат низ Америка“.
Патуваат во 60 вагони, што прават колона од километар ипол. На пат се 11 месеци во годината. Во вагоните тие живеат. Семејно. Готват, јадат, се бањаат, перат ...
Кловнот Алекс Барни, втора генерација на кловнови, се согласува.
„Патувањето со воз ве носи од град во град. Гледате што е меѓу нив. Тоа е најдобар дел од оваа работа“, вели тој.
Вагонот што е кујна и пекара, наедно е и место за дружење.
Мајкл Воган е готвач, со шестмина помошници. Вели, ова е како да готвите за големо семејство. Со секој нов град, доаѓа и ново поставување на кујната. Воган често приредува забава по претставата.
А додека родителите работат, децата учат. Училницата е зад сцената. Мана Кетелс е учителка.
„Од мое искуство можам да кажам дека за некои деца ова е подобро од редовно училиште, зашто децата се во помала група и добиваат поголемо внимание“, вели Кетелс.
Седумгодишната Софија Петров е од Унгарија.
„Забавно е. Сретнувам луѓе од сел свет“, вели девојчето.
Овој циркус има таленти од 18 држави. Акробатот Паоло Дос Сантос е од Бразил. Го слави роденденот на двајцата синови пред шоуто.
„Среќан сум. Сите ќе дојдат. Моите пријатели и децата, сите заедно ќе се забавуваме“, вели Сантос.
Секое ново застанување значи запознавање на нов град. Но циркускиот воз е град сам за себе. Без постојана адреса. Но тука секој е – дома.