Линкови за пристапност

Три споменици на антички војсководци во еден ден


Три споменици на антички војсководци во еден ден
Три споменици на антички војсководци во еден ден

„Воинот на коњ“ на плоштадот Македонија висок 13 метри, а тежок 35 тони

„Горда сум што ова ќе остане во македонско наследство, за сите генерации“, изјави денес авторката на споменикот „Воин на коњ“, Валентина Стефановска, по повод поставувањето на најскапиот споменик во историјата на Македонија, вреден 9,4 милиони евра.

Гигантскиот бронзен споменик на Александар Велики, висок 13 метри и тежок 35 тони, под новото име „Воин на коњ“, откако беа составени деловите кои дојдоа од леарницата во Италија, утринава беше кренат на постаментот на централниот скопски плоштад „Македонија“, а настанот беше директно пренесуван на ТВ.

Три споменици на антички војсководци во еден ден
Три споменици на антички војсководци во еден ден


Стотици граѓани со знамиња, аплауз и со патриотски песни го проследија кревањето на споменикот. Авторката Стевановска во присуство на скопскиот градоначалник Коце Трајановски, изјави дека е горда затоа што „денес тука ве има во многу голем број, што дојдовте да го посетите споменикот на кој работев со години и се надевам дека кога ќе биде комплетиран со сите пропратни фигури, ќе се покаже вистинската слика и сите ќе бидат уште позадоволни“.

Споменикот со постаментот ќе биде висок 28 метри и ќе биде највисоко здание на главниот плоштад на престолнината, а со целосно завршување на работите, околу него ќе има и осветлување, фонтана, воини, ла­во­ви, а ќе биде официјално претставен на дваесетгодишнината од независноста на Македонија, на 8-ми септември.

Три споменици на антички војсководци во еден ден
Три споменици на антички војсководци во еден ден

Иако противниците на контроверзниот проект „Скопје 2014“ тврдеа дека таканаречениот процес на антиквизација и самиот проект, чиј дел е и споменикот на Александар Велики, влијаат врз понатамошното продлабочување на разликите и делбите во разделеното македонско општество, денес стотици граѓани сметаа дека споменикот е причина за славје, пееја и го фотографираа.

„Ова сакав да го доживеам. Ова покажува кој сум и што сум - Македонец“, изјави еден граѓанин за ТВ Канал 5.

Покрај гигантскиот споменик на Александар Велики, денес во Скопје и во Битола беа поставени уште два споменика - на татко му Филип Втори. Во скопската општина Гази Баба, во паркот во населбата Автокоманда, беше поставен споменикот изработен во леарницата „Јеремиќ“ во Белград, а на плоштадот „Магнолија“ во Битола, беше поставен
8,5 метарскиот споменик излиен во Нови Сад. Со од поодамна поставениот споменик на Александар Велики во Прилеп, Македонија сега има четири споменици на антички освојувачи во поголемите градови.

XS
SM
MD
LG