Американската влада деновиве одвои дополнителни 50 милиони долари за истражување на Алцхајмеровата болест, во надеж дека ќе успее да изнајде лек и нов вид на терапија. Како да се совлада болеста што го напаѓа помнењето на милиони постари лица во светот?
Неврологот Рон Петерсон, пионер во истражувањето на Алцхајмеровата болест, ја постави дијагнозата кај можеби најпознатата нејзина жртва: поранешниот американски претседател Роналд Реган, кој почина во 2004-та.
Петерсон мисли дека оттогаш, а особено во последниве пет години, има голем напредок во разбирањето на болеста.
„Сега имаме лекови со кои можат да се третираат симптомите, иако тие немаат влијание на севкупниот исход“, објаснува Петерсон.
Новите пари од владата се токму за тоа – да се подобри третманот. Според Франсис Колинс, директорот на Националниот институт за здравје, САД се никогаш не биле поблиску до наоѓање на лекот.
„Започнавме да разбираме што се случува со мозочните клетки и како болеста се шири од една на друга. Тоа ни овозможи да поставиме терапија што продира во јадрото на проблемот“, вели Колинс.
Оптимист е и Гај Акин од Американската фондација за здравствена помош, што финансира истражувања за дегенеративни болести врзани со стареењето.
„Ќе се најде третман за модифицирање на болеста во блиска иднина. Политичкиот поттик е да најдеме решение во наредната деценија. Можеби личи дека е бавно, но истражувањето е бавен процес“, наведува Акин.