Линкови за пристапност

Ќе се формира најголемата авиокомпанија во светот


Американските власти го одобрија соединувањето на Американ ерлајнс и Ју-Ес ервејз

Американските власти задолжени за корпорациска регулатива го одобрија соединувањето на Американ ерлајнс и Ју-Ес ервејз, со што ќе се формира најголемата авиокомпанија во светот.

Претставници на владиниот Оддел за правда, задолжени да спречат монополско здружување, во август најпрвин поднесоа тужба за да го блокираат соединувањето вредно 16 милијарди долари, тврдејќи дека ќе ја ограничи конкуренцијата во американската воздухопловна индустрија и ќе резултира во повисоки цени за патниците.

Па сепак, пред закажаниот почеток на процесот подоцна месецов, владата синоќа постигна договор со авиокомпаниите. Тие се согласија да предадат дел од своите права за полетување и слетување на седум клучни аеродроми во САД, а поголемиот дел од нив на еден од трите аеродроми што го опслужуваат главниот град Вашингтон. Според договорот, терминалите од кои се откажаа Американ ерлајнс и Ју-Ес ервејз ќе им бидат доделени на американските авиокомпании со пониски цени.

Американскиот главен обвинител Ерик Холдер кажа дека шансата компаниите што нудат поевтини цени да добијат поголема застапеност ќе обезбеди поконкурентни цени за патниците.

Според извесни критериуми, банкротираната Американ ерлајнс самата по себе веќе е најголемата авиокомпанија во светот: лани имаше над 80 милиони патници, со летови до 250 дестинации во светот. Ју-Ес ервејз, пак, вкупно пренесе 50 милиони луѓе на 200 места во светот.

Неколку други авиокомпании во САД решија да ги здружат силите пред ова соединување: Делта со Нортвест и Јунајтед со Континентал.
XS
SM
MD
LG