Загадениот воздух во македонската престолнина повторно го затрозува здравјето на скопјани! Според податоците од официјалната Интернет-страница „Скопје дише“, на која се следи и мери загаденоста на воздухот, денешната состојба на скопскиот воздух повторное алармантна.
Мониторинг станицата во Скопје која ги мери параметрите: сулфур диоксид, азотни оксиди, јаглерод моноксид и суспендирани честички, во согласност со „Уредбата за гранични вредности за нивоа и видови на загадувачки супстанции во амбиентен воздух и прагови на алармирање, рокови за постигнување на граничните вредности, маргини на толеранција за гранична вредност, целни вредности и долгорочни цели“, и денес измерила дека нивото на квалитет на воздухот е намалено, а загаденоста е крената на 342 единици, што значи дека воздухот е опасен за здравјето!
На граѓаните им се препорачува да избегнуваат секаква физичка активност на отворено, зашто амбиенталниот воздух ја достигнал таканаречената црвена фаза! Експертите наведуваат дека сите граѓани, но особено хронично болните лица, треба да избегнуваат активности на отворено, затоа што загадениот воздух го зголемува ризикот од срцеви проблеми, многу повеќе од ризичните фактори како перманетниот стрес или недостатокот на физичка активност.
И според експертите од СЗО, штетните материи во воздухот доведуваат до сериозни нарушувања во кардиоваскуларниот систем, а во дел од македонските медиуми беше објавен и став на неименувани научници, дека дури и кокаинот помалку го загрозува организмот од нечистиот воздух
Минатата недела во медиумите беше објавено дека Скопје е најзагадениот град во светот, зашто според тогаш измерените податоци, со 433 микрограми ПМ10 прашина на метар кубен, го надминал градот Ахваз во Иран со 372 микрограми.
Иако со минатонеделно разведрување и повлекување на маглата беше намалена концентрацијата на честички прашина во воздухот, нивното количество е сепак, над дозволените граници - до 50 милиграми на кубен метар, или од 50 до 150 милиграми – за умерено загаден воздух.
Позитивен податок за жителите на Скопје е дека измерените количества на јаглероден моноксид, сулфурен диоксид и азотен оксид, минатата недела биле под границите опасни за здравјето.
За разлика од експертите, кои им препорачуваа на властите во интерес на запазување на здравјето на граѓаните да ја разгледаат можноста за ограничување на сообраќајниот режим, да го утврдат квалитетот на горивата на возилата и да извршат контрола на индустриските објекти, градоначалникот на Скопје Коце Трајановски минатата недела ја лоцираше причината за загаденоста во маглата и во сообраќајот и препорача да не се крева паника, а граѓаните да останат дома во периодите кога нивото на загаденост е високо.
Тоа предизвика реакција на опозициониот СДСМ, кој го критикуваше Трајановски, тврдејќи дека власта неодговорно се однесува кон проблемот со загадувањето. Според СДСМ и „преродбеничките проекти“ на Владата директно учествувале во загадувањето на воздухот во Скопје.
„Спроведувањето на проектот ’Скопје 2014’, неплански и спротивно на сите урбанистички начела и правила, резултира со ископи, огромна прашина и сечење на дрвореди. Парковите и зеленилата, поради мегаломанските споменици, се прекопаа и преку ноќ се претвораат во градежни маркици за наводни катни гаражи и административни згради, без оглед на противењето на граѓаните во Центар. Поради грешка во одредувањето на трасата на жичарницата, се исечени двојно повеќе дрвја на Водно од неопходното“, рече членот на Советот на Скопје Петар Арсовски.
Додека опозицијата бараше од скопскиот градоначалник бесплатни маски за граѓаните, од Градот Скопје одговорија на обвинувањата дека „повеќе од 20 одини жителите на Скопје немаа информација за тоа колку е загаден воздухот во Скопје, а градоначалникот Трајановски и Градот Скопје на јавен и транспарентен начин поставија мерна единица за квалитетот на воздухот во централното градско подрачје, каде резултатите од истата се достапни на Интернет 24 часа и граѓаните можат слободно да се информираат“.
Според владеачката ВМРО-ДПМНЕ, не се точни обвинувањата на опозицијата дека со изградбата на новите булевари и сечењето на старите и болни дрва, се зголемува загаденоста во Скопје. „Градот во акцијата за проширување на булеварите има исечено околу 2.600 дрва, а за нивна замена посади околу 44.000 стебла, или за секое исечено дрво се засадени приближно 20 нови. Проточноста на новите булевари го намали загадувањето во Скопје, а истото е намалено и со новите 148 автобуси на ЈСП–Скопје“, се вели во контрареакцијата на Град Скопје. Оттаму истакнуваат дека Градот во соработка со министерството за животна средина остварил повеќе состаноци со големите компании кои имаат „А“ еколошка дозвола, како што се фирмите во Железарница, Охис, Топлификација, Усје и други.