Вршителот на должноста директор на Управата за безбедност во сообраќајот (ТСА) е префрлен на друго работно место откако тајни агенти, без да бидат забележани, пренеле лажен експлозив и оружје низ безбедносните контроли во дури 67 од 70 неодамнешни случаи.
Секретарот на Одделот за домашна безбедност Џе Џонсон изјави дека го префрлил Мелвин Каравеј на друго работно место во оваа владина агенција, а за привремен директор на ТСА го назначи досегашниот заменик-директор Марк Хатфилд.
Џонсон одби да ги опише резултатите од неодамнешните пропусти на безбедносните контроли, но рече дека ги зема мошне „сериозно“.
ТВ-мрежата АБЦ објави дека истрагата на ТСА нашла широкораспространети пропусти на некои од најфрекфентните аеродроми по САД. На пример, таен агент бил запрен кога го активирал алармот откако минал низ скенер. Но, дури и тогаш, службениците не успеале да го пронајдат лажниот експлозив залепен на неговиот грб.
Џонсон нареди нова обука за вработените во безбедносната контрола на аеродромите и проверка на опремата што таму се користи. Тој најави дека ќе продолжат тајните контроли по случаен избор ширум аеродромите во САД.