Линкови за пристапност

Церемонија во Амбасадата во Вашингтон во чест на македонските војници во Авганистан


Церемонија во Амбасадата во Вашингтон во чест на македонските војници во Авганистан
Церемонија во Амбасадата во Вашингтон во чест на македонските војници во Авганистан

Амбасадорот Јолевски ја потенцираше соработката меѓу Македонија и САД преку мировниците во состав на силите на Националната гарда на Вермонт

Во Амбасадата на Република Македонија во Вашингтон четвртокот се одржа примопредавање на знамињата на единиците на АРМ кои во рамки на силите на Националната гарда на сојузната држава Вермонт служат во мировната мисија во Авганистан.

Пред гости од дипломатските и политички кругови на главниот американски град, амбасадорот Зоран Јолевски ги предаде знамињата на трите македонски единици - Ренџерите, Воената полиција и Волците - на генерал-мајорот Мајкл Дуби, командантот на Националната гарда на Вермонт, воедно подвлекувајќи го партнерскиот однос меѓу Македонија и САД на армиското поле.

„Војниците кои сега се заедно со Националната гарда на Вермонт покажуваат едно ново ниво на интероперативност и соработка на македонската со американската армија. За првпат во историјата на Република Македонија имаме наши војници кои се заедно, во иста единица, во ист вод, со американски војници“.

Генерал-мајорот Дуби се осврна на професионалноста на македонските војници, за кои смета дека се добро обучени и подготвени за мисијата.

„Работат рамо до рамо со американските војници. Иако мисијата е тешка, тие добро се снаоѓаат“, рече Дуби.

На прашање на Гласот на Америка - како да се надмине јазот меѓу армиската подготвеност на Македонија и политичките препреки на патот кон НАТО, првиот човек на Гардата на Вермонт коментираше дека фактот дека македонските војници се професионални и ценети за армиски прашања може само да и` помогне на Македонија на светската сцена.

„Добро е познато колку е добра македонската армија и тоа може да помогне други луѓе дознаат колку е добра Македонија во целина“, кажа Дуби.

На примопредавањето на знамињата на македонските мировници кои се дел од мисијата ИСАФ во Авганистан, американски официјални претставници изразија задоволство од борбената готовност, но и од професионалноста на македонскиот војник.

XS
SM
MD
LG