Линкови за пристапност

Амбасада на САД: Независните медиуми се свети


Амбасада на САД: Независните медиуми се свети
Амбасада на САД: Независните медиуми се свети

ТВ А1 денес објави дека нејзиниот сопственик Рамковски од притворањето пред четири дена во истражниот затвор – Скопје одбива да прима храна.

„Амбасадата на САД продолжува да ги следи актуелните случувања во рамки на активностите за спроведување на законот во врска со бизнисите поврзани со А1 Телевизија и неодамнешните апсења на неколку поединци поврзани со А1 Телевизија и други медиуми“, се вели во соопштението на американската амбасада во Скопје, објавено во дел од електронските медиуми по повод апсењето на сопственикот на ТВ А1 Велија Рамковски, директорката на телевизијата Анета Кочишки и на уште 14 лица на кои по 24-часовен судско-полициски распит им беше определен 30-дневен притвор под обвинение за злосторничко здружување и затајување на данок.

А1 ТВ наведува дека во соопштението се вели дека „загрижувачки се извештаите дека финансиски спонзори на А1 или на други организации се под политички притисок да го намалат или зголемат рекламирањето“, како и дека „сите законски постапки поврзани со истрагата што е во тек треба да се спроведат со целосна транспарентност и во отворен и праведен процес без политички притисок или пристрасност“.

Според објавеното во медиумите, амбасадорот Рикер, во името на владата на САД, постојано ја нагласува светоста на независните медиуми, клучната улога на професионалните и одговорни новинари во едно слободно и отворено општество, важноста на почитувањето на владеењето на правото и вредностите и процесите на владеењето во согласност со стандардите на транс-атлантските институции.

Во соопштението се потенира и дека „активностите на поединци во една медиумска организација, вклучувајќи лица од високото раководство на организацијата, не треба да влијаат врз дневното функционирање на медиумот“.

Со оглед дека спектакуларната полициска акција со кодно име „Пајажина“ беше изведена на 23-ти декември, кога најголем дел од дипломатските претставници поради католичкиот Божик и новогодишните празнувања веќе не беа во Скопје, реакциите главно доаѓаат од протагонисти од домашната политичка сцена.

Опозициониот водач Бранко Црвенковски најави тестирање на правната држава. СДСМ денес поднесе по две кривични пријави за министерката за внатрешни работи Гордна Јанкуловска и за директорот на УЈП Горан Трајковски, за аферата со 750.000 евра фатени во Унгарија кај возачот на компанијата МПМ, за што не реагирале надлежните институици во Македонија, и за аферата која ја обелодени токму Рамковски во ТВ интервју - дека на ТВ А1 со државни пари од буџетот и` биле плаќани партиски реклами на владеачката ВМРО-ДПМНЕ.

Според Борис Кондарко од правната комисија на СДСМ, оваа партија и за Јанкуловска и за Трајковски му предлага на Јавното обвинителство „во барањето за спроведување на истрага, да побара и одредување на мерка за обезбедување притвор, бидејќи од позицијата која ја имаат и двајцата, како директор на УЈП и како министер за внатрешни работи, се сомневаме дека директно можат да влијаат или да ја попречуваат истрагата, односно да затајуваат документи и слично со цел евентуално да ја избегнат нивната одговорност“.

ТВ А1 денес објави дека нејзиниот сопственик Рамковски од притворањето пред четири дена во истражниот затвор – Скопје одбива да прима храна. Според телевизијата, Рамковски изјавил дека нема да прима храна „додека луѓето се во притвор, додека во притвор е мојата ќерка и мојот брат“.

XS
SM
MD
LG