Линкови за пристапност

Реакции на случајот "Пајажина"


Реакции на случајот "Пајажина"
Реакции на случајот "Пајажина"

ХКМ бара почитување на дигнитетот на осомничените, a амбасадорите враќање на политичкот дијалог и слобода на медиумите

Хелсиншкиот комитет за човекови права на Република Македонија во однос на „Случајот Пајажина“, што предизвика и повлекување на опозицијата од работата на парламентот, смета дека решението на истражниот судија за привремено замрзнување и задржување на паричните средства на банкарските сметки на неколку правни субјекти, меѓу кои и четири медиуми, го доведува во прашање нивниот опстанок и функционирање.

Иако ХКМ не го оспорува правото на изрекување на мерки како што е блокирање на сметките, укажува дека при нивното изрекување „мора да се земе во предвид значењето на слободата на говор, јавен настап и информирање и потребата од непречено функционирање на медиумите, со што се задира во најсензитивните постулати на демократијата и човековите права во општеството“

Во денешното сопштение, ХКМ потенцира дека во случајот со замрзнувањето на сметките на ТВ А1 и весниците Време, Шпиц и Коха е ре, со што се загрозува нивното нормално работење, од особено значење е „почитување на дигнитетот и интегритетот на осомничените, како и ограничување на последиците од дејствата во постапката во неопходно потребните граници, имајќи ја во предвид претпоставката дека станува збор за невини лица бидејќи спротивното не е докажано“. Акцентирајќи дека опстанокот на медиумите е битен сегмент на демократијата, ХКМ во соопштението апелира до јавноста да не се „заборава на фактот дека целта може да биде постигната и со други законски мерки кои нема да го доведат во прашање работењето на медиумите“.

По вчерашната средба со лидерот на ДПА Мендух Тачи, евроамбасадорот Ерван Фуере денес разговараше и со претседателот на најголемата опозициона партија СДСМ, Бранко Црвенковски, кому му го пренел ставот дека дијалогот е начин на решавање на проблемите.

„Бојкотот не е решение за проблемите. Начинот на кој пратениците треба да ги решаваат проблемите е преку враќање во парламентот каде може да се отвори дијалог за сите постоечки предизвици“, изјави Фуере, кој потенцираше дека „единствен начин за подобрување на состојбата во земјата и понатамошно унапредување на реформите, е преку вистински, искрен, сестран дијалог меѓу сите политички партии“.

Истакнувајќи дека е жално што бројот на средбите на политичките лидери во Македонија во последните 18 месеци е минимален, Фуере им предложи на властите да организираат лидерска средба за спорните прашања во земјата.

Покрај Фуере, кој и на вчерашната средба со Тачи се заложи за враќање и на пратениците од оваа парија во Собранието, за парламентарната криза, вчера се изјаснија и амбасадорите на Франција, Жан Клод Шлумберже, и на Велика Британија, Кристофер Ивон, кои исто така се сретнаа со лидерот на опозоцијата Црвенковски и ја истакнаа потребата од политички дијалог на власта и на опозицијата, но и од слободата на медиумите. Двајцата амбасадори ја изразија загриженоста поради бојкотот на опозицијата на работата на Собранието и својата увереност дека за прогрес е неопходна добра политичка атмосфера и услови за политички дијалог.

Денес и германска амбасадорка Урлике Кноц за македонските медиуми изјави дека е неопходно враќање на политичкиот дијалог и работа на демократијата, нa слободата на медиумите и нa независното судство.

„Јас, како и моите колеги амбасадори, ја следиме политичката ситуација во Македонија со загриженост, Изгледа дека политичкиот дијалог не е како би требало да биде и јас се надевам дека вистински политички дијалог ќе се врати во земјава и дека дека проблемите ќе се решаваат во рамките на институциите на државата и во духот на слободата на медиумите и на правната држава... Вие знаете дека во последниот извештај на ЕК, читаме дека се уште треба напредок во демократијата, во политичкиот дијалог и кога станува збор за слободата на медиумите“, рече Кноц.

И додека дипломатските претставници повикуваат на дијалог, претставниците на власта во парлaментот денес самите работеа на седницата посветена нa лустрацијата.

Опозицијата, пак, опстoјува на ставот дека ситуацијата со медиумите А1, Шпиц, Време и Коха е ре е само последната причина за напуштање на Собранието, обвинувајќи ја власта дека го маргинализира парламентот, го задушува правото на јавен протест и слободата на медиумите.

„Причините кои доведоа до напуштање на парламентот се генерирањето поделби, зголемените конфронтации, тензии и судири во општеството, сатанизација на експертската јавност, етикетирање на НВО-секторот, притисокот врз медиумите, политичкиот отстрел на неистомислениците, силна политизација на судството, се` уште постојат и се додека состојбите се такви ние ќе бидеме навор од Собранието“, изјави социјалдемократот Јани Макрадули

Вчерашната вонредна собраниска седница, посветена на случајот со блокирањето на работата на медиумите, беше одложена од спикерот Трајко Вељановски, се` до враќањето на опозицијата во собраниските клупи.

„Од остварената координација произлезе следниот заклучок: оваа седница се прекинува се додека не се создадат услови за дебата, односно се додека СДСМ и другите помали парламентарни партии не покажат интерес за расправа по оваа тема која цениме дека е особено значајна за демократските процеси во Република Македонија. Одговорноста за оваа тема е заедничка. Пратениците без оглед дали доаѓаат од владејачкото мнозинство или опозицијата, токму за тоа се избрани, заеднички да расправаат и одлучуваат по сите отворени прашања“, рече Вељановски.

XS
SM
MD
LG