Линкови за пристапност

Рикер: „100 години од Првата балканска војна“


Вишиот претставник на Стејт департментот одржа предавање на Американскиот универзитет

Каде се наоѓа регионот 100 години по Првата балканска војна? Американскиот заменик-помошник државен секретар Филип Рикер синоќа наместо со вообичаените соговорници - државниците, на оваа тема расправаше пред студентите на Американскиот Универзитет во Вашингтон.

Балканот е душата на Европа. Нема обединета Европа без негово целосно интегрирање, рече Рикер, подвлекувајќи дека на бројните средби со лидерите од регионот, откако е на сегашната функција, им порачал дека нема алтернатива на евроатланската интеграција

„Колку повеќе земјите на Балканот стануваа стабилни, просперитетни демократии и дел од европското семејство, толку повеќе ќе бидат наши партнери во справувањето со предизвиците, но со и можностите на 21-от век“, кажа поранешниот амбасадор на САД во Македонија.

Регионот има постигнато голем напредок и тоа е се` повидливо, оцени Рикер: „Земјите кои беа конзументи на безбедноста, на нашите армиски напори пред само 10-15 години, денес произведуваат безбедност и го делат со нас товарот во Авганистан и на други места во светот“.

САД ќе помогнат во поддршката на мултиетничките општества, рече Рикер, додавајќи дека гласот на граѓаните, а не на политичарите, треба да ја определи европската иднина. Не е точно дека САД се се` помалку активни и ангажирани во регионот - одговори на прашање од студент, иако коментираше дека Европа треба да го има последниот збор во решавањето на идните предизвици на Балканот, а не САД.

Според Рикер, САД никогаш во историјата не поддржувале создавање на големи етнички држави во регионот. Не постојат етнички чисти држави во Балканот, а тој што го тврди тоа, не ја зборува вистината, рече вишиот дипломат на Стејт департментот.

XS
SM
MD
LG