Линкови за пристапност

Не само рак на белите дробови


Цигарите предизвикуваат и рак на црниот дроб и на дебелото црево, дијабетес, ревматичен артритис и импотенција, тврди американскиот главен здравствен советник.

Американскиот владин главен здравствен советник во денес објавен извештај предупредува дека цигарите предизвикуваат повеќе проблеми отколку што порано се мислеше. Истражувањето е објавено на 50-тата годишнина од извештајот на тогашниот советник, во кој по првпат беше потврдено дека пушењето предизвикува рак на белите дробови.

Најновиот извештај наведува дека пушењето може да предизвика и рак на црниот дроб, на дебелото црево, дијабетес, ревматичен артритис, па дури и импотенција.

Од првиот извештај за штетноста на цигарите, што беше објавен во 1964-та и доведе до кампања против пушењето, стапката на пушачи во САД се намали од 42 на 18%. Но, сегашниот главен здравствен советник Борис Лушнијак вели дека владата можеби нема да ја постигне целта да ја намали стапката на 12% до 2020-та, предупредувајќи дека „се` уште се случува катастрофа“. Според најновиот извештај, пушењето било причина за смрт на преку 20 милиони Американци во последниве 50 години. Извештајот предвидува дека 5,6 милиони од денешните деца ќе починат предвреме од истата причина доколку се задржи сегашниот тренд, а наведува и дека нема доволно информации за долгорочните ефекти по здравјето од таканаречените електронски цигари. Некои луѓе ги користат ваквите цигари за да се откажат од пушењето, но критичарите наведуваат дека тие сепак носат опасност и дека не се ефикасно средство за откажување.

Пушењето во САД и натаму е водечката причина за смртни случаи од болести што може да се спречат. Според извештајот, во САД се трошат преку $289 милијарди долари годишно за здравствена грижа и други економски фактори позврани со пушењето. Во него се наведува и дека таканареченото пасивно пушење ја зголемува опасноста од мозочен удар за 20 до 30%.

Главниот здравствен советник препорачува засилена примена на веќе воведените мерки, како кревањето на цените на цигарите и забраната за пушење во затворен простор. Тој ги повика сојузните држави да ги зголемат своите буџети против пушењето, подвлекувајќи дека не се работи само за проблем на федерално ниво.
XS
SM
MD
LG