Мишел Бахман е републиканка, членка на Конгресот од сојузната држава Минесота – најновата која се појави како можен кандидат за претседателските избори 2012-та. Таа е отворен конзервативец особено за социјални прашања и омилена меѓу активистите на движењето „Ти парти“, кое е за драстично намалување на обемот на федералната влада.
„Јас сум во игра за кампањата 2012-та година и сакам да бидам дел од дискусијата за да обезбедам дека претседателот Обама служи само еден мандат, а не два“, рече Бахман во интервју за ТВ-мрежата Еј-Би-Си.
Бахман е меѓу се поголемиот број републиканци кои размислуваат за кандидатурата за иден претседел на САД. Минатата недела, такво нешто најави поранешниот гувернер на Минесота Тим Поленти. Неколку други евентуални кандидати започнаа со посети на сојузните држави Ајова, Њу Хемшир и Јужна Каролина, каде по традиција започнуваат прелиминарните избори во рамки на партиите за претседателски кандидати.
Политичкиот аналитичар Костас Панагополус од Универзитетот Фордхам коментира дека споредено со изминатите циклуси, трката во 2012-ра во редовите на Републиканската партија е широко отворена и нуди можност за промоција на не толку познати кандидати.
„Засега нема главен кандидат на партијата. Секако дека до одреден степен би било добро да има познато име на листата, но тоа не е гаранција дека тоа лице ќе ја добие номинацијата, па дури и дека ќе ги добие изборите“, вели Панагополус.
Прогнозите се дека Бахман би можела да добие на значење доколку поранешната гувернерка на Аљаска Сара Пејлин и поранешна републиканска кандидатка за потпретседателската функција, одлучи да не се кандидира за изборите 2012-та.
Неодамнешна анкета на Истражувачкито центар Пју покажува дека поранешниот гувернер од Масачусетс, Мит Ромни е на врвот на листата од десницата со поддршка од 21 %, а по него следат поранешниот гувернер од Арканзас, Мајк Хакаби, Сара Пејлин, и поранешниот претседател на Претставничкиот дом Њут Гингрич.
Сепак, се чини дека кандидатската листа се шири бавно и големите имиња како Хакаби и Пејлин засега не се толку загреани за трката, што, според некои експерти, може да отвори можност за не толку познати кандидати.
Начинот на кој претседателот Барак Обама се справува со ситуацијата во Либија стана главна мета на критика за републиканските претенденти за влез во Белата куќа.
Првата дебата меѓу републиканските кандидати е закажана за почетокот на мај во Калифорнија.