Неколку авионски компании повторно започнаа со летови, по пауза од пет дена поради огромниот облак од чад што се рашири низ Европа по ерупцијата на вулкан во Исланд минатата недела.
Според европската агенција за контрола на летањето - Евроконтрол, се очекува вторникот да бидат активирани најмалку 50 проценти од сообраќајот. Авионите започнаа да летаат од Париз, Мадрид, Амстердам и Франкфурт.
Летовите во Британија се` уште се во прекин поради нови облаци од вулканска пепел кои се движат во правец на земјата. Британската служба за контрола на летањето доцна понеделникот јави дека ерупцијата на вулканот повторно засилила и ја оцени состојба како непредвидлива и менлива.
Европските министри за транспорт на видео-конференција понеделникот зацртаа три зони за летање во европскиот воздушен простор, во обид да се надмине застојот во сообраќајот што затекна милиони патници на аеродромите. Едната зона ќе биде отворена за сите летови, втората за ограничен број, а во третата се забранети сите летови.
Европскиот комесар за транспорт Сим Калас рече дека нема се прави компромис по прашањето за безбедност, но и дека планот ќе овозможи активирање на се` поголем број на летови.
Европската авио-индустрија ја критикуваше реакцијата на властите на ситуацијата и ги обвини владите дека претерале со мерките на претпазливост, како и дека чекале предолго пред конечно да изготват координиран план.