Линкови за пристапност

Санторум се откажа


Ромни сега може да се насочи на Обама.

Републиканскиот претседателски претендент Мит Ромни може да го насочи целото внимание на претседателот Барак Обама откако противкандидатот Рик Санторум се откажа од трката.

Ромни има значително водство над останатите претенденти, Њут Гингрич и Рон Пол. Со откажувањето на Санторум, Ромни е на добар пат да стане републиканскиот кандидат кој ќе му се спротистави на Обама на претседателските избори во ноември.

Но, најновото истражување на јавното мислење покажува дека на Ромни допрва му претстои борба за гласовите. Според анкетата на Вашингтон пост и вестите на АБЦ, Обама води пред поранешниот гувернер на Масачусетс со 51наспроти 44%, и покрај загриженоста за економијата што владее во земјата.

Санторум синоќа се откажа од натамошната трка, една недела откако загуби од Ромни на прелиминарните избори во три сојузни држави. Поранешниот сенатор од Пенсилванија се надеваше дека ќе се врати во игра токму на изборите во оваа држава на 24-ти април, но неодамнешните анкети покажаа спротивно. Санторум објави дека се повлекува еден ден откако неговата ќеркичка Бела беше отпуштена од болница, каде се лекуваше од ретка генетска болест. Тој кажа дека болеста била причина заедно со семејството да го преиспита натамошното учество во трката и дека планира да мине повеќе време со ќеркичката.

Во говорот во Гетисбург, Пенсилванија, Санторум се заблагодари на симпатизерите и кажа дека спротивно на сите предвидувања, успеа да освои милиони гласови и да победи на изборите во 11 сојузни држави. Тој ја доби поддршката на верските и политички конзервативци, но, сепак, значително заостануваше зад Ромни во бројот на освоени изборни делегати.

XS
SM
MD
LG