Линкови за пристапност

Конгресот и натаму загрижен за вмешаноста на САД во Либија


Конгресот и натаму загрижен за вмешаноста на САД во Либија
Конгресот и натаму загрижен за вмешаноста на САД во Либија

Телото неделава ќе одржи и распити, и дискусии зад затворени врати по прашањето

Највисокиот по ранг републиканец во Сенатската комисија за вооружени служби, Џон Мекејн, вели дека претседателот Обама во обраќањето до нацијата понеделникот претставил силни аргументи за американската интервенција во Либија. Па сепак, Мекејн во интервјуто за тв-мрежата Си-Би-Ес беше против тврдењето на Обама дека да се појде подалеку од зоната на забрането летање и да се присили либискиот водач Моамар Гадафи да ја напушти власта би било грешка, правејќи споредба со Ирак.

„Доколку Гадафи остане на власт, ќе има ќорсокак, истата ситуација како со поранешниот ирачки лидер Садам Хусеин, кога воведовме зона на забрането летање, санкции и слично, а сето тоа траеше 10 години. Гадафи на власт ќе значи продолжување на терористичките акции врз сопствениот народ. И, секако, тој е виновен за воени злосторства“, рече Мекејн.

Тој смета дека САД треба да„продолжат со воените напори се` до Триполи“ и да им помогнат на бунтовничките сили да го симнат Гадафи од власт што е можно поскоро.

Други републиканци го критикуваа претседателот Обама не толку за она што го кажа во говорот, туку за она што не го кажа во однос на стратегијата за излез од војната во Либија. Портпаролот на претседателот на Претставничкиот дом Џон Бонер истакна дека една недела од почетокот на американската воена интервенција, „Американците и натаму немаат одговор за фундаменталното прашање – што е дефиницијата на постигнат успех во Либија?“

Демократските законодавци навидум се поделени во ставовите за начинот на кој администрацијата на Обама се справува со ситуацијата во Либија, како и со говорот на претседателот на оваа тема. Лидерот на демократското мнозинство во Сенатот Хари Рид истакна дека Обама поставил јасна визија за слободата во Либија.

Конгресменот Емануел Кливер ја пофали изјавата на Обама дека командата на воената мисија ќе биде префрлена на НАТО, велејќи дека претседателот „има целосно разбирање“ дека САД не можат да си дозволат „уште еден Ирак или Авганистан“.

Други демократи, пак, остро се противат на американската воена интервенција во Либија, особено без согласност од Конгресот. Конгресменот од Охајо, Денис Кучинич изјави:

„Америка сега е повторно полицаец на светот, кога нашата извршна власт одлучува кога да интервенираме. Сметам дека тоа е мошне опасна позиција“.

Претставници на администрацијата неделава се очекува да сведочат за ситуацијата во Либија и зад затворени врати, и на јавни распити во Конгресот. Законодавците од обете партии велат дека ќе се обидат да најдат одговор за висината на трошоците од мисијата.

XS
SM
MD
LG