Западниот Балкан како дел од евроатлантската заедница е високо на листата на приоритети на САД. Во регионот последниве 20-тина години е направен голем напредок – од војна, кон евроатлантска интеграција. Сепак, остануваат предизвици, како политичкиот компромис во Босна, стабилизацијата на Косово и спорот меѓу Македонија и Грција, резимираше уште на самиот почеток на распитот средата во Сенатската поткомисија за европски прашања заменикот-државен секретар со иста географска надлежност, Филип Гордон.
За Гордон, американската поддршка за македонската интеграција во ЕУ и НАТО останува витален елемент за промовирање на мирот и стабилноста на целиот Балкан. Тој ја истакна Македонија за задоволување на речиси сите реформски мерила што ги постави ЕУ, за демаркацијата на границата со Косово и за учеството во меѓународните мировни мисии на НАТО, но и ја повика да даде обновен приоритет на меѓуетничките односи - на дело и во духот на Рамковната спогодба и да продолжи со реформите, особено во правната држава.
Решавањето на спорот со Грција е од клучно значење и е потребно што поскоро, подвлече американскиот владин претставник, образложувајќи дека „во интерес на обете земји, и на стабилноста на целиот регион, водачите на обете земји треба да преземат смели и решителни одлуки за да го решат прашањето, еднаш-засекогаш“.
Заменикот-државен секретар за одбрана Александар Вершбоу, задолжен за меѓународна безбедност, рече дека Македонија, по бројот на мировници во сооднос на бројот на жители, дава голем придонес, а во Авганистан е меѓу првите пет земји. Членството на земјата во НАТО го нарече „незавршена работа“, како што и беше насловот на распитот, и важно за регионалната безбедност и стабилност.
Иван Вејвода од Германскиот Маршалов Фонд укажа на, како што ги нарече, претпазливи назнаки дека можеби 2010-та ќе биде годината за решавање на спорот околу името.
Говорејќи за идната американска политика на Западниот Балкан, Филип Гордон рече дека никаде на друго место на Стариот континент од Балканот не е поважна соработката САД-ЕУ, со крајна цел - комплетирана евро-атлантска интеграција.