Во светот на забавата доминираат високобуџетните холивудски филмови, но стотици помали, од поинакви категории, исто така имаат своја специфична публика. Една од категориите е наречена - урбани филмови, популарни меѓу афро-Американците.
Меѓу најуспешните режисери на вакви нискобуџетни филмови е Грег Картер, кој продуцирал 18 остварувања изминатите години, а половината од нив ги режирал самиот.
Во новиот филм на Картер има многу акциони сцени, но и романтика и хумор. Се нарекува “Гангстерска љубовна приказна“.
Приказната е инспирирана од „Ромео и Јулија“ на Вилијам Шекспир, но во филмот, еден од љубовниците е афро-Американец, а другиот од латиноамериканско потекло:
„Ако Шекспир живеел во денешно време, веројатно малку ќе ја променел приказната. Ромео и Јулија би била приказна за двајца луѓе од различни раси“, вели Картер.
Филмот го снимил на повеќе локации во Хјустон, така што изгледа дека дел е направен во Мексико, а дел во Беверли Хилс.
Картер го припишува својот успех како независен режисер на дисциплинираниот пристап во правењето на филм, како и грижата за тоа што сака да види публиката. Сега работи и во Лос Анџелес, „престолнината“ на американската филмска индустрија, но вели дека тексашката метропола и натаму е негова омилена филмска локација.
„Во Лос Анџелес, се борите за место под сонцето. Во Хјустон е обратно – сите ве поддржуваат“, коментира Картер.
Доказ дека и за нискобиџетните филмови има добар интерес е податокот дека Картер неодамна постигна договор за глобален маркетинг на неговиот филм на ДВД ширум светот преку Интернет-страницата МЦМ.тв.