Линкови за пристапност

Охрид 30 години под закрилата на УНЕСКО


Охрид 30 години под закрилата на УНЕСКО
Охрид 30 години под закрилата на УНЕСКО

Членството и заштитата од организација како што е УНЕСКО е престиж, така е и голема обврска за сите кои се избориле за ваков статус.

Овој месец се одбележуваат 30 години од внесувањето на Охрид под заштита на УНЕСКО.

Комитетот за светско наследство на УНЕСКО во 1979-та година го впиша Охридското Езеро на листата на природни наследства, а една година подоцна охридскиот регион е впишан како природно и културно наследство, односно како мешовито добро.

Членството и заштитата од организација како што е УНЕСКО е престиж, така е и голема обврска за сите кои се избориле за ваков статус. Примерот со Дрезден, а и огромната деградација, особено во поглед на градежништвото, служи како потсетување дека овој статус не е вечен и дека доколку не се почитуваат стандардите, може и да се изгуби.

Дополнителната заштита на Охридското Езеро и неговиот воден слив, заштитата на познатата стара архитектура на градот и справувањето со непланската урбанизација - сето ова спаѓа во мерките што ќе го осигураат сегашниот статус на Охрид.

Па сепак, активностите за изготвување на комплетен менаџмент-план за градот се пролонгирани, делумно и поради нереализираната поделба на надлежностите помеѓу одговорните институции на локално и централно ниво.

Многу работи се` уште остануваат нерешени, предупредува Лазо Наумоски, еколог од Охрид:

„Ако направиме анализа колку направивме за Охрид и за езерото, од гледна точка како членови на УНЕСКО, мислам дека многу работи остануваат нерешени. Локалните власти треба да бидат помоќни, поорганизирани во решавањето на сите проблеми - и со езерото, и со заштитата на архитектурата на стариот дел од градот. Но, за жал, локалните власти денес се соочуваат со мала финансиска моќ“.

За достојно одбележување на јубилејот од впишувањето на Охрид во УНЕСКО, од Општина Охрид предлагаат повторна промоција на Охрид на поинаков начин во светски рамки, вели Митре Вељаноски, раководител на Секторот за јавни дејности:

„Треба да се направи електронска разгледница со сите природни и културни убавини на градот, на англиски јазик, во тираж од петнаесеттина илјади примероци. Примероците би се испратиле до сите релевантни меѓународни организации и инстутуции и сето тоа би била една нова промоција на градот, на неговите културни вредности и убавини“.

Охрабрува фактот дека наскоро во Охрид ќе се формира локална канцеларија на УНЕСКО - иницијатива која веќе е доставена до регионалната канцеларија во Венеција од каде пристигнуваат позитивни сигнали, вели Антонио Балев, член на македонската делегација во УНЕСКО:

Она што на Охрид најсериозно му се забележува е сериозното нарушување на автентичноста на старото градско јадро, огромното количество на бетон и друг градежен материјал кој последниве години бил употребен за изградба на нови објекти, како и се` поочигледното уништување на езерото.

XS
SM
MD
LG