Линкови за пристапност

Светски ден против пушењето


Нова анкета врз млади пушачи спроведена во 151 земја во светот, покажува дека бројот на девојки што пушат е речиси ист со оној на момчињата.

Светската здравствена организација користејќи го поводот на одбележување на 31-ви мај, Светскиот ден против пушењето, ја обвини тутунската индустрија за користење на заведувачки рекламни пораки за привлекување на жени и девојки. Организацијата додава дека индустријата агресивно цели на жените бидејќи има потреба од регрутирање на нови корисници на своите производи, како замена за оние кои ќе се откажат од пушењето или кои предвремено ќе починат заради болести поврзани со пушењето.

Нова анкета врз млади пушачи спроведена во 151 земја во светот, покажува дека бројот на девојки што пушат е речиси ист со оној на момчињата. Во некои земји, како Бугарија, Мексико, Нов Зеланд и Нигерија, цигари пушат повеќе девојки отколку момчиња.

Директорот на иницијативата против пушењето при СЗО, Даглас Бечер, вели дека ова е алармантен знак и, како што вели, можно е да сме на работ на уште полоша глобална епидемија со пушење меѓу женската популација.

СЗО додава дека од болести поврзани со пушење, како срцев напад, мозочен удар и ракот, умираат преку пет милиони луѓе годишно. Околу 1,5 милион од нив се жени.

Организацијата наведува дека околу 430.000 возрасни лица умираат од пасивно пушење, а околу 64 проценти од нив се жени.

Д-р Бечер додаде дека како резултат на пушењето прерано ќе починат осум милиони луѓе до 2030 година, вклучувајќи и 2,5 милиони жени, доколку не биде спречена глобалната епидемија на пушење.

Тој истакна дека тутунската индустрија троши многу на заводливи реклами со цел жените цигарите да ги поврзат со убавина и ослободување.

„Никој не треба да биде излажан и тоа е пораката на нашата овогодишна кампања, цигарите не се во мода. Не се нешто што ќе ве направи поважни. Тие се грди, смртоносни и предизвикуваат зависност“, вели д-р Бечер.

Тој зборуваше и за многубројните трикови што тутунската индустрија ги користи да ги привлече жените. Во Јапонија, на пример, се промовира убава розева кутија цигари, а во Египет еден од производителите нуди кутија цигари налик на пакување за парфем.

XS
SM
MD
LG