Дали знаете кој е најбрзо растечкиот семент на сточарската индустрија во САД? Одговорот е помалку чуден за нацијата која се темели на телешко, свинско и пилешко месо: одгледувањето на кози.
80-тина илјади фармери во САД чуват кози. Се очекува годинава на пазарот да изнесат 700.000 од овие животни. Тоа е двојно повеќе од пред една деценија.
Зошто некои жители на САД минуваат по 300 километри, од Њујорк па се` до Пенсилванија, за да купат коза преку наддавање со други купувачи, на фарми на амиши? Зошто од сите места во САД, токму во Тексас - познат по бифтекот и каубојците - се одгледуваат стотици илјади кози за колење?
Козјото месо е популарна стока во растечките имигрантски заедници во САД. Сега, кога американските фармери се` повеќе одгледуваат јужноафрикански кози Боер, на муслиманските пазари во САД побарувачката само расте. Се приклучија и заедниците на хиндусите и сиките, кои по правило не јадат телешко. Заинтересирани се и имигрантите – католици латино-Американци, Африканци и Кинези.
Новинар на Гласот на Америка годинава посети фарма на која Мукит Хусеин, сопругата и двете ќерки одгледуваат кози за телото на потенцијални муштерии од 300.000 муслимани во северниот дел на сојузната држава Вирџинија, кои бараат природно хранета стока, без хормони и хемикалии, заклана според муслиманските обичаи.
„Побарувачката е толку голема што не можам да одговорам на неа. Проблемот не е да најдам муштерии, туку како да го зголемам производствениот капацитет“, вели Хусеин.