Линкови за пристапност

Напната политичка сцена во Mакедонија во очекување на предлог од Нимиц


Напната политичка сцена во Mакедонија во очекување на предлог од Нимиц
Напната политичка сцена во Mакедонија во очекување на предлог од Нимиц

Медиумите шпекулираат дека конкретен предлог од Нимиц најверојатно ќе стаса во текот на летото.

Македонија очекува предлог за компромисно решение за спорот околу името од посредникот на ОН Метју Нимиц. Претседателот Ѓорге Иванов најави дека кога ќе пристигне конкретен предлог, тој ќе направи консултации со политичките субјекти во државата, за да се усогласат нивните ставови.

„Се` додека не добиеме предлог, нема за што да се разговара“, изјави Иванов. „Кога ќе дојде таков предлог од Нимиц, не` очекува она што треба да го постигнеме, да го хомогенизираме општеството и да дојдеме до заеднички став“, рече шефот на државата.

Медиумите шпекулираат дека конкретен предлог од Нимиц најверојатно ќе стаса во текот на летото.

Во очекување на предлогот, расте напнатоста на домашната политичка сцена. Владеачката партија ВМРО-ДПМНЕ ја обвини опозиционата СДСМ дека ги застапува грчките позиции. Воедно, ВМРО-ДПМНЕ го обвинува водачот на СДСМ дека тајно преговара со Грција.

„Тајна е што и како преговара Бранко Црвенковски во моментов и какви обврски презема за ситуацијата после октомври, ноември или декември, и на што се` во моментов се согласува“, вели Влатко Ѓорчев од ВМРО-ДПМНЕ.

На ова обвинување одговори Црвенковски.

“Искрено ќе одговорам од мое лично име и од името на СДСМ - посакувам да има макар тајни преговори, ако ги има тогаш има и шанси да се дојде до решение. Јас само се плашам дека се` се сведува на фото-сесии, на поздравување, сликање, без било каква суштина и содржина во тие средби“, рече првиот човек на СДСМ, кој воедно упати порака до премиерот Никола Груевски.

„Владеење значи да се соочите и да ја преземете одговорноста за сопствените неуспеси, а не постојано да барате дежурни виновници“, рече Црвенковски.

Аналитичарите ги оценуваат партиските препукувања како непродуктивни и штетни за меѓународната позиција на државата. Порачуваат дека Македонија на овој начин испраќа конфузни пораки, па затоа сугерираат дијалог меѓу политичките субјекти за постигнување на усогласен став со што би се зајакнала и меѓународната позиција на Македонија во пресрет на евентуалниот предлог за решение на дведеценискиот спор што ја оневозможува интеграцијата во ЕУ и НАТО.

XS
SM
MD
LG