Линкови за пристапност

Тутунарите протесираат пред Собранието, приврзаниците на власта пред седиштето на опозицијата


Тутунарите протесираат пред Собранието, приврзаниците на власта пред седиштето на опозицијата
Тутунарите протесираат пред Собранието, приврзаниците на власта пред седиштето на опозицијата

И додека тутунарите подржани од лозарите и сточарите протестираа, а пратенците дебатираа, се случуја и други, паралелни протести на повеќе стотини приврзаници на Владата

Неколку илјади тутунопроизводители денес дојдоа во Скопје да протестираат пред зградата на Собранеито додека во него пратенците расправаа за барањата на тутунарите за зголемување на откупната цена на нивниот земјоделски производ.

Тутунарите на овој чекор се одлучија незадоволни од откупните цени, како и од методологијата на класификацијата што ја вршат откупувачите.

Му порачуваме на премиерот да излезе и да им каже јавно на граѓаните - ако не може да го откупат, да каже дека имаме слободна трговија за да го извеземе, кој каде знае и може, а не да ги собира неговите сопартијци за да ги пушта по градовите и да прават кавга помеѓу граѓаните, велат тутунарите.

Нивните барања се откупната цена за килограм тутун од прва класа да биде 190 денари наспроти 140-те денари кои засега им ги нудат откупувачите. Владата се согласи дека цената е ниска, но, како што велат од Министерството за земјоделство, таа цена не зависи од Владата, туку од условите на пазарот и принципите на пазарната економија.

Протестот што е во тек и што, како што најавија тутунарите, ќе трае се` додека не заврши собраниската седница, на моменти беше во напната атмосфера. Тутунарите се обидоа да ги пробијат барикадите пред зградата на Собранието околу која имаше стационирано големи полициски сили. Повремено беа фрлани дрвја и камења на собраниската зграда, при што е повреден и еден фоторепортер. Во моментов, ситуацијата е под котрола, а тутунарите се во исчекување на исходот на собрансиката седница.

Внатре во Собранието, позицијата и опозицијата веке 8 часа жестоко дебатираат. Опозиционерите истапија со предлог-заклучок според кој просечната откупна цена би требало да биде 192 денари за килограм тутун. Вицепремиерот во Владата Владимир Пешевски вели дека во моментов цената на откупот е 143 денари, а се очекува да достигне висина од 170 денари. Претставницте на владеачкото мнозинство велат дека опозицијата ги манипулира тутунарите за лични политички интереси.

„Владата на ВМРО-ДПМННЕ во земјоделеството вложи 360 милиони евра наспроти 20-те милиони евра вложени во овој сектор во време на владеењето на СДСМ“, вели пратеникот Влатко Ѓорчев.

Ајде да излеземе надвор пред нив да им го кажете ова, повикуваа претставниците на опозицијата, реплицирајки на ставовите на владеачкото мнозинство.

Расправата во Собранието исто така минува во напната атмосфера, со меѓусебни обвинувања на власта и опозицијата за тоа кој колку сторил за земјоделците. Седницата е во тек. Претставниците на опозицијата велат дека е тешко да се претпостави дека владеачкото мнозинство ќе се согласи со предлозите на опозицијата и барањата на тутунарите.

И додека тутунарите подржани од лозарите и сточарите протестираа, а пратенците дебатираа, се случуја и други, паралелни протести на повеќе стотини приврзаници на Владата. Тие протесираа пред седиштето на СДСМ. Го обвинуваат водачот на партијата Бранко Црвековски за штетите за кои тврдат дека ги направил за време на неговото владеење. Тие исто така изразија поддршка за аграрната политика што ја спроведува владата на премиерот Никола Груевски.

XS
SM
MD
LG