Линкови за пристапност

Гласови на благодарноста


Гласови на благодарноста
Гласови на благодарноста

„Убаво е чувството да знаете дека секогаш имате каде да одите, храна што може да ја јадете, облека што може да ја облечете, се` што многумина го немаат“, вели една њујорчанка

Сончево, но студено ноемвриско попладне на Петтата авенија во Њујорк, непосредно пред празникот Денот на благодарноста.

Некои, како Кети Форер, токму во вакви временски услови се благодарни на тоа што можат да имаат џемпери, ракавици, шалови и шапки – топла облека.

Шеснаесет годишниот Роберт пак, вели дека со нетрпение ја чека традиционалната вечера и не само заради печената мисирка.

„Прекрасно е да се собереме како семејство и заедно да вечераме, бидејќи тоа е реткост за нас. Заедно сме и за Божиќ и тоа е тоа. Благодарен сум што воедно имам многу пријатели и семејство кои ме научиле дека е мошне важно да имате блиски околу вас. Се надевам дека ќе го пренесам тоа на сите со кои сум во контакт“, вели овој средношколец.

Со сличен став е и младата Рина:

„Благодарна сум на моето семејство бидејќи знам дека секогаш ќе бидат за мене. Убаво е чувството да знаете дека секогаш имате каде да одите, храна што може да ја јадете, облека што може да ја облечете, се` што многумина го немаат. Затоа сакам да возвратам и се обидувам да соберам средства за децата на кои им предавам после редовната настава, се обидувам да им купам и по некој подарок“, вели Рина.

Во околното предградие Јулстер, њујорчанецот Роб продава топол домашен јаболков сок. Тој вели дека е благодарен на природата:

„Гледам дека многумина само се шетаат наоколу со мобилни телефони, не ни погледнуваат во небото, во дрвајата, земјата. Едноставно немаат време. Јас на пример немам мобилен телефон“, вели тој.

Ненси е меѓу милионите Американци кои ја загубиле работата. „Сепак и покрај тешкотиите, сфаќам дека кога се фокусирам на она што го сакам, во позитивна смисла на зборот, наместо постојано да бидам опседната со она што го немам, ми помага. Понекогаш сум благодарна за мали работи, како можноста да седам во мојата омилена кафетерија и да пијам кафе или заради фактот што некој е љубезен и ми кажал нешто убаво“, вели таа.

Кајл предава уметност. Тој е еден од оние кои се задоволни со се` што им пружа животот.

„Благодарен сум за секој ден. Секој момент е нов и возбудлив. Секогаш се случува нешто добро, подобро и поголемо од сегашното“, вели Кајл.

XS
SM
MD
LG