Линкови за пристапност

Демократите и републиканците се судрија околу даноците


Демократите и републиканците се судрија околу даноците
Демократите и републиканците се судрија околу даноците

Скратувањата што ги одобри претходната влада истекуваат кон крајот на годинава. Обама сака да ги продолжи за семејствата чиј годишен приход е под 250 илјади долари годишно, но не и за оние кои заработуваат повеќе.

Конгресот само што започна со работа по летниот одмор, но републиканците и демократите веќе се подготвуваат за голема битка – кој од Американците да добие намалување на даноците - сите или само оние со поскромни примања? Ставовите се дијаметрално спротивни.

Претседателот Барак Обама понеделникот избра нова, невообичаена сцена да говори за економијата – двор на семејство од средната класа во сојузната држава Вирџинија. Но, пораката беше иста: републиканските лидери ги блокираат даночните скратувања за мнозинството Американци, барајќи олеснувања и за мала група најбогати Американци.

„Се` уште сме во боречки меч со републиканските лидери за 2 до 3% од населението“, рече Обама.

Скратувањата што ги одобри претходната влада истекуваат кон крајот на годинава. Обама сака да ги продолжи за семејствата чиј годишен приход е под 250 илјади долари годишно, но не и за оние кои заработуваат повеќе.

Републиканците не останаа должни – водачот на републиканското малцинство во Сенатот Мич Меконел го обвини Обама дека создава раздор меѓу Американците со ниски и високи примања.

„Сега сакаат да заковаат уште еден клин во ковчегот – големо даночно зголемување за луѓето со највисоки примања кои не` извадија од рецесијата со тоа што ги проширија бизнисите и создадоа работни места“, коментираше Меконел за плановите на демократите.

Тие, пак, возвраќаат дека републиканското залагање за даночни скратувања за најбогатите ќе создаде 700 милијарди долари дефицит во наредните десет години.

Обама бара Конгресот да ги одобри скратувањата за средната класа што е можно побргу. За тоа ќе треба да ги убеди не само републиканците, туку и некои конзервативни демократи. Прашањето би можело да стане главен тест за лидерските способности на претседателот. Најновите анкети укажуваат дека незадоволството од високата невработеност и бавниот економски опоравок имаат потенцијал да резултираат во тоа републиканците да освојат мнозинство во обата дома на Конгресот на изборите во ноември.

XS
SM
MD
LG