Линкови за пристапност

Хашкиот суд ги потврди пресудите за Тарчуловски и Бошкоски


Хашкиот суд ги потврди пресудите за Тарчуловски и Бошкоски
Хашкиот суд ги потврди пресудите за Тарчуловски и Бошкоски

Адвокатите на Тарчуловски тврдеа дека тој не е одговорен за акцијата во Љуботен, а Обвинителството вложи жалба против ослободителната пресуда за Бошкоски.

Жалбениот совет на Хашкиот трибунал средата ја одби жалбата на Јохан Тарчуловски и со тоа ја потврди претходно изречената пресуда на Трибуналот со која Тарчуловски беше осуден на 12-годишна казна затвор за дела извршени за време на воениот судир во Македонија во 2001-вата година при акција на полицијата во селото Љуботен. Советот исто така ја отфрли жалбата на обвинителството на ослободителната пресуда изречена во корист на претходно обвинетиот Љубе Бошкоски.

Од петмината судии во Советот, само еден имал поинакво мислење во однос на жалбата на Тарчуловски. Во судницата присуствувале околу стотина подржувачи на Тарчуловски, пријатели и членови на неговото семејство. Како што јавуваат известувачите од Хаг, атмосферата во судницата била напната. Сопругата на Јохан по објавувањето на мислењето на Советот ја напуштила судницата во плач, а поддржувачите на Тарчуловски ја дочекале потврдата на ослободителната пресуда за Бошкоски со исвиркување и зборовите: „шпиуну-предавнику“.

Адвокатот на Тарчуловски Нејтан Дершовиц ја оцени одлуката како неправедна и срамна. Адвокатите ќе побараат од Советот за безбедност Тарчуловски да ја издржува затворската казна во Македонија. Доколку тоа биде одбиено, Тарчуловски ќе остане во Шевенинген уште една година, а потоа ќе биде префрлен во затвор во друга држава. Откога ќе одлежи две третини од казната, односно уште три години, тој ќе може да бара намалување на казната.

Единствениот Македонец кој добил казна во Хаг беше осуден на 12 години затвор во јули 2008-ма. Тарчуловски е во притвор во Шевенинген веќе пет години, а ако остане во затвор до крајот, ќе стане слободен граѓанин дури во 2017-ма.

Во знак на поддршка и израз на незадоволство од одлуката на Жалбениот совет во Хаг средата на централниот плоштад во Скопје се собраа неколку стотини поддржувачи на Тарчуловски.

Според коментарите на екпертите, потврдата на казната за Тарчуловски може да го отежни политичкиот процес во Македонија, веќе обременет со барањата на ДУИ за престанок на судските процеси за преостанатите 4 случаи, поведени за дела сторени за време на воениот конфликт во 2001-ва.

XS
SM
MD
LG