Талебанските бунтовници ископале тунел до главниот затвор во јужниот град Кандахар, по што успеале да избегаат над 400 притворени нивни соборци, соопштија авганистанските власти. Владата во Кабул го оквалификува инцидентот како безбедносна катастрофа.
Раководителот на затворот Гулам Дастагир Мајар рече дека околу 475 затвореници избегале од затворот Сарпоса доцна во неделата, како и дека повеќето биле талебански милитанти.
Талебан тврди дека тунелот долг преку 300 метри бил ископан во рок од пет месеци, како и дека меѓу ослободените затвореници се наоѓаат 100-тина команданти.
Вахид Омар, портпарол на авганистанскиот претседател, информираше дека се води истрага. Во досегашната потрага, авганистанските власти успеале да фатат 13 од избеганите затвореници.
Ова е втор инцидент од поголеми размери во затворот Сарпоса во изминативе три години. Во 2008-ма, 900-тина затвореници, меѓу кои и борци на Талебан, избегаа кога бунтовниците ја отворија главната врата со камион-бомба.
Властите потоа ја засилија безбедноста.
Најновиот случај претставува закана за неодамнешниот напредок на НАТО и авганистанските сили против Талебан во јужен Авганистан.