Спасувачките екипи и волонтери продолжуваат со извлекување на мртвите тела и потрага по преживеани во Централна Америка, каде тропското невреме Агата однесе илјадници домови во огромното лизгање на земјиштето и поплавите.
Официјални лица соопштија дека меѓународната помош почнала да пристигнува додека донаторите обезбедуваат пари и хеликоптери за спасувачките напори.
Од Агата, првото тропско невреме во овогодишната сезона на урагани, загинаа најмалку 150 лица.
Најмногу беше погодена Гватемала, каде бројот на жртвите достигна 123 лица, а најмалку 90 други се водат за исчезнати. Околу 110.000 лица се префрлени во засолништа.
Надлежните власти соопштија дека оваа цифра може да се промени со оглед на тоа дека и натаму доаѓаат извештаи за жртви или преживеани од руралните области.
Во меѓувреме, спасувачките напори во Гватемала се отежнати од минатонеделната ерупција на вулканот Пакаја, што покри делови од Гватемала Сити со пепел, а затворен беше и меѓународниот аеродром.