Линкови за пристапност

Македонската влада најавува будност поради економските проблеми на други држави

  • Сашо Митан
  • Известувач Охрид

Македонската влада најавува будност поради економските проблеми на други држави

Според Ставрески, единствениот одговор на Република Македонија на кризата во соседството може да биде продолжување со политиката за задржување на макроекономската стабилност

Петокот во Охрид започна единаесеттатата Годишна конференција на Македонската берза со учество на над 200 домашни и странски експерти во финансиската индустрија.

„Предизвиците за Македонија и регионот сепак не завршија со крајот на глобалната финнсиска криза, ниту со излегувањето од рецесијата. Актуелната економска ситуација во Грција, но и во неколку други европски земји како Шпанија, Португалија, па и Италија и Ирска, наметнува потеба за активно следење на ситуацијата и навремени реакции“, истакна на отварањето вицепремиерот во Владата на Република Македонија и министер за финасии, Зоран Ставрески.

Според Ставрески, единствениот одговор на Република Македонија на кризата во соседството може да биде продолжување со политиката за задржување на макроекономската стабилност и продолжување со реформите за подобрување на бизнис-климата.

Просечниот дневен промет во првите четири месеци изнесува околу 200 илјади евра, информираше на средбата директорот на Македонската берза Иван Штериев.

„Во исчекување на новиот позитивен развоен циклус, берзите ќе продолжат да ја објавуваат функцијата на спојување на понудата и побарувачката на веќе издадените хартии од вредност и ќе испорачуваат цени потребни за вреднување на активите во економијата, и тоа перманентно - и кога цените одат нагоре, и кога се движат надолу“, подвлече Штериев.

За професорот по макроекономска политика Таки Фити, она што се случува на берзата е реакција на макроекономските движења, како и дека е јасна поврзаноста на макроекономските резултати со берзата.

„Мое мислење, но и мислење на врвни економски експерти, кои се нобеловци, е дека до 2012-2013-та година тешко ќе оди заздравувањето на светската економија, а во тој контекст и на она што значи релевантен пазар на Република Македонија, а тоа е Европската Унија. Нема да имаме динамични стапки на раст бидејќи Македонија е мала и отворена земја, а тоа ќе има силни импликации врз вкупните макроекономски движења“, заклучи Фити.

Во наредните два дена на конференцијата ќе се расправа за посткризните економски предизвици на глобално, регионално и локално ниво. Ќе се дискутира за новите трендови во финансиската регулатива и за предизвиците на македонската осигурителна индустрија и нејзините импликации врз пазарот на хартии од вредност, а ќе се дадат и видувања за идните трендови на македонската и на регионалните берзи.

XS
SM
MD
LG