Линкови за пристапност

Објавен извештајот на Стејт департментот за трговија со луѓе


Објавен извештајот на Стејт департментот за трговија со луѓе
Објавен извештајот на Стејт департментот за трговија со луѓе

Според извештајот, Владата продолжува да ја засилува својата агенда против трговијата со луѓе и за прв пат објави Национален извештај на оваа тема.

Во делот на извештајот посветен на Македонија, американската влада наведува дека земјата е извор, транзитна зона и крајна дестинација за жени и деца, присилени на проституција и работа, а кои доаѓаат од Албанија, Бугарија и Косово. Македонските жртви и жртвите кои биле пренесувани низ Македонија, пак, завршувале во Јужна, Централна и Западна Европа.

Македонија годинава падна категорија подолу, во групата 2, во која се наоѓаат земји кои целосно не се придржуваат до минималните стандарди, но прават значителни напори.

Така, според извештајот, Владата продолжува да ја засилува својата агенда против трговијата со луѓе и за прв пат објави Национален изештај на оваа тема. Во септември 2009-та, владата и официјално усвои Национален акционен план за 2009-2012 и за прв пат од буџетот одвои фонд за имплементација на планот. Па сепак, таа не осудила ниту еден сторител на шверц со луѓе, идентификувала помал број на официјални жртви и не обезбедила средства за невладините организации за грижа и помош на странските и домашни жртви, стои во документот.

Владата на Македонија не покажала значителен напредок во заштита на жртвите на трговија со луѓе во 2009-та, се вели во документот, но со помош на Меѓународната организација за миграција, организирала серија курсеви за обука за 280 лица одговорни за проактивна идентификација на жртвите. Во соработка со ОБСЕ пак, надлежните органи обезбедиле иста обука за сите трудови инспектори во земјата.

Стејт департментот препорачува владата поенергично да ги гони трговците со луѓе и да ја зајакне соработката со невладиниот сектор. Најголемата невладина организација во Македонија што обезбедува заштита и помош за жртвите на трговија со луѓе на домашен терен, и натаму егзистира главно од помошта од меѓународни донатори, се вели во документот. Меѓутоа, жртвите добивале поддршка за реинтеграција во општеството од 30-те социјални центри во земајта, кои во голем дел се финансирани од владата.

Извештајот за трговија со луѓе 2010-та што го изготвува Стејт департментот, овојпат ја одбележува 10-годишнината од клучните настани во борбата против модерното ропство. Во 2000-та, САД донесоа Акт за заштита на жртвите на трговијата со луѓе, а ОН усвоија документ, познат како Протоколот Палермо, за заштита, укинување и казнување на шверцот со луѓе, особено со жени и деца.

САД во извештајот предупредуваат 13 земји, кои се во најлошата – група 3, вклучувајќи ги Иран, Северна Кореја, Куба и Бурма, на санкции поради тоа што не ги исполниле минималните меѓународни стандарди за борба против трговијата со луѓе.

Во извештајот се наведува и дека 12,3 милиони возрасни и деца ширум светот во моментов се жртви на принудна работа или проституција.

Американската државна секретарска Хилари Клинтон извештајот го нарече „каталог на трагедии“ што светот не може да ги прифати.

Во овогодишниот извештај за прв пат се вклучени и САД, кои се наоѓаат во групата 1 - земји кои целосно ги исполнуваат стандардите.

XS
SM
MD
LG