На 30-тина страници, Стејт департментот ја документира ситуацијата со човековите права во Македонија и констатира дека земјата е парламентарна демократија и дека изборите во 2009-та, според ОБСЕ исполниле најголем дел од меѓународните стандарди. Но, вклучува и забелешки.
Во некои од затворите во земјата состојбата е лоша, има пренатрупаност со затвореници, има недоволно чувари и недоволно обучени за работата. Стејт департменот наведува и извештаи дека властите го злоупотребувале притворот за политички потреби.
Американската влада тврди дека судии јавувале за силен политички притисок врз судството и дека тоа понекогаш влијаело на нивните одлуки.
Официјален Вашингтон констатира дека владата ги критикувала медиумите и дека се обидела да влијае на известувањето преку манипулирање на своите трошоци за рекламирање. Под делот посветен на слободата на говорот и печатот го споменува и случајот со А1 телевизијата и вели дека имало извештаи дека репортерите и корпоративните спонзори на А1 примиле закани, иако станицата продолжила со работа. Во документот стои дека ВМРО-ДПМНЕ изразила разочарување од известувањето на медиуми како А1 и Вест, а дека претседателот Иванов ги критикувал медиумите за наводна лоша интерпретација на негови изјави.
Во годишниот извештај на Стејт департментот за човекови права се наведува и дека напнатоста меѓу етнички албанското и македонското население и натаму влијае на можностите за образование на поединците, врз вработувањето и политичкото учество.
Воедно споменати се и извештаи за дискриминација на лица со посебни потреби и Ромите.
Што се однесува до светот воопшто, САД велат дека одредени влади и натаму вршат сериозни прекршувања на човековите права. Се издвојуваат Иран, Кина и Белорусија, како земји каде прашањата за почитување на човековите права предизвикуваат особена загриженост. Како прекршители меѓу другите се наведени и Северна Кореја и Либија.
Истражувањата за почитувањата на човековите права беше изведено во 190 земји ширум светот.