НАТО го напушти последниот камп во Македонија. Со симболично предавање на клучевите од досегашната логистичка база за силите на КФОР, Ејбл центарот, македонската армија во целост ги презеде тамошните обврски, а во земјава останува само советодавниот тим на Алијансата.
За воениот претставник на НАТО во Македонија, бригадниот генерал Давид Хумар, доверувањето на оваа задача на македонската армија значи дека Македонија според безбедноста и реформите во одбраната е блиску до Алијансата. Тој следната година си заминува од земјата, но се надева дека 2011-тата ќе биде година кога Македонија конечно ќе стане дел од НАТО.
„Искрено се надевам дека следната година ќе донесе напредок во преговорите за името и сите ќе можеме да ве видиме како земја членка на НАТО. Посакувам официјалните лица вклучени во преговарачкиот процес да најдат доволно волја, сила и храброст за да најдат компромисно решение и со тоа да ја обезбедат економската перспектива на луѓето во земјава“, изјави Хумар.
Министерот за одбрана Зоран Коњановски потенцираше дека Македонија покажала дека секогаш е тука кога и` е потребна на Алијансата, а денешниот чин е доказ за нејзината подготвеност за НАТО.
„Овие клучеви кој денеска ги добивам, се клучеви кои ја симболизираат нашата зрелост и подготвеност како и нашето партнерство со алијансата; нашето принципиелно и искрено партнерство, докажано тука во РМ, докажано во Косово, во Авганистан и во Ирак“, рече Коњановски.
11 години од бегалската криза и влегувањето на НАТО-силите на Косово, логистиката за КФОР ја презема АРМ. НАТО во Македонија останува со советодавен тим што ќе биде сместен во Министерството за одбрана.