Линкови за пристапност

За власта добар – за опозицијата лош


За власта добар – за опозицијата лош
За власта добар – за опозицијата лош

Ден по објавувањето на извештајот, целиот владин Кабинет излезе на терен. Секој си го бранеше својот ресор.

За едни добар - за други лош. Во вторникот објавениот извештај на Европската комисија за напредокот на Македонија во изминатава година уште еднаш ја потврди сликата дека власта и опозицијата во Македонија гледаат со различни очила.

На едногласноста на државниот врв дека се работи за позитивен извештај со забелешки каде треба да се засилат реформите, се придружи и владејачката ДУИ, додуша малку поумерено – дека тој, ако ништо друго, е барем реална слика за она што секојдневно го гледаме.

„Денешниот извештај кој што ни беше претставен всушност претставува политичко и општествено огледало на нашата земја, кое што огледало може понекогаш да ни се чини поубаво, помалку убаво, попријатно, понепријатно, меѓутоа е битно дека е реално огледало“, вели Теута Арифи.

Опозицијата пак, смета дека забелешките годинава се поостри, а поразително е што се повторуваат областите каде земјата засотанува- судството, јавната администрација, борбата против криминалот и корупцијата, независноста на медиумите. Не тапкаме во место, туку назадуваме - констатира лидерот на СДСМ Бранко Црвенковски.

„Дали оваа година администрација е помалку партизирана од лани или не? Дали оваа година судстввото ни е изложено на помалку политички притисоци од лани или не? Дали годинава криминалот и корупцијата ни е на пониско ниво од лани или не? Ќе заклучиме дека, без сомнение, состојбите во Македонија не само што не се подобрени, туку во многу области се влошени“, вели Црвенковски.

За некогашниот челник на ВМРО-ДПМНЕ, а сега гласен опозиционер Љубе Бошкоски, проблемот за лошите оценки од Брисел лежи во неспособноста на актуелната власт.

„На сите ни е јасно дека за надминување на овие состојби не постои ниту политичка волја, ниту капацитет на актуелната власт“, вели водачот на Обединети за Македонија

Ден по објавувањето на извештајот, целиот владин Кабинет излезе на терен. Секој си го бранеше својот ресор. Генерално сите беа задоволни од оценките од Брисел, а забелешките ги сфаќаат како препораки кои веќе почнале да се применуваат.

XS
SM
MD
LG