Линкови за пристапност

Светски ден на борба против ХИВ/СИДА: 14 нови случаи во Македонија


Светски ден на борба против ХИВ/СИДА: 14 нови случаи во Македонија
Светски ден на борба против ХИВ/СИДА: 14 нови случаи во Македонија

Експерти наведуваат дека дел од оние што се водат како македонски случаи доаѓаат и од странство

Во Македонија во моментов 69 луѓе живеат со ХИВ/СИДА. 36 се заболени, а 33 се ХИВ-позитивни. Годинава, на листата се додадени уште 14 нови случаи, но фрапантноста не е во бројката, туку во возрасната граница од 20 до 39 години. Од Институтот за јавно здравје велат дека ова не е реална бројка, бидејќи статистиката што се користи е на еден заболен, плус три. Најмногу од луѓето со ХИВ/СИДА се од Скопје и Тетово, по што следуваат Кочани, Виница, Охрид и Прилеп.

Епидемиологот Жарко Караџов наведува дека дел од оние што се водат како македонски случаи доаѓаат и од странство.

„Мораме да кажеме дека имаме и странци кои биле во Република Македонија на привремена работа преку хуманитарни организации или лица кои биле на служба во КФОР мисијата во Косово, па заболени дошле да се лекуваат во нашата држава, при што биле хоспитализирани или починати на нашата клиника“, вели д-р Караџов.

Доминантен начин на пренесување на ХИВ-вирусот во земјата се хетеросексуалните односи, но последниве три години се потенцира и половиот однос меѓу мажите.

Според Институтот, Македонија е во светскиот тек за превенција од смртоносната болест. Досега се направени 12.000 тестови.

За болните, државата се` уште обезбедува лекови преку глобалниот фонд.

„Глобалниот фонд во Република Македонија ќе биде уште една календарска година со сигурност, меѓутоа од буџетот, од Владата, од Министерството за здравство, Инфективната клиника добива доволно средства да си купи антиретровирусна терапија“, вели Караџов.

„На Светскиот ден на борбата против СИДА-та, медиумите не ќе можат да направат јавно интервју со нас, лицата што живеат со ХИВ, поради нашиот основан страв да го откриеме својот личен идентитет“, се огласија со писмена изјава дел од луѓето кои во земјава живеат со ХИВ/СИДА. Сметаат дека освен јавната осуда, поради конзервативноста на општеството, тие секојдневно живеат и во страв дека нема да го дочекаат следниот ден, поради непостоењето интегриран државен систем за обезбедување на анти - ретровирусната терапија

Во Македонија досега се регистрирани 134 случаи со ХИВ/СИДА. 63-ца веќе починале.

XS
SM
MD
LG