Американскиот Врховен суд пресуди дека на поранешниот сомалиски премиер Мохамед Али Самантар, може да му се суди во САД за наводи дека надгледувал тортура и противзаконски убиства за време на неговиот мандат.
Во одлуката објавена вторникот, врховниот судија Џон Пол Стивенс истакна дека Самантар не бил заштитен со дипломатски имунитет и може да му се суди.
Самантар, кој во моментов живее во сојузната држава Вирџинија, беше министер за одбрана на Сомалија во `80-те години, а потоа премиер од 1987 до 1990-та година.
Членовите на сомалискиот клан Исак поднесоа тужба повикувајќи се на американскиот закон од 1991-ва, познат како Акт за заштита на жртвите на тортура. Во тужбата, поранешниот премиер се обвинува за надзор на воени сили кои вршеле тортура, убиство и своеволно апселе членови на кланот и нивни семејства.