Организаторите на 19-то по ред Светско фудбалско првенство велат дека 30-минутната церемонија во Јоханесбург ќе има спектакуларни музички изведби и ефекти. Шоуто ќе се одржи два часа пред финалниот натпревар меѓу Шпанија и Холандија.
Според најавите, настанот ќе се пренесува во 215 земји во светот до публика од преку 500 милиони.
На стадионот „Сокер сити“ се очекува да настапат околу 800 изведувачи, вклучувајќи некои од врвните музичари и танчери во Африка. Втор пат по ред на вакви манифестации ќе се појави и колумбиската поп-ѕвезда Шакира. Нумерата „Вака, вака – Овојпат за Африка“, што ФИФА ја назначи за химна на турнирот, беше на врвот на музичките листи во 15 земји. Оваа нумера за месец јуни беше и најгледано видео на Интернет. Само на веб-страницата Јутуб била посетена од 80 милиони гледачи.
Меѓу останатите изведувачи на церемонијата на затварање на Мундијалот се и „Ту-фејс“ од Нигерија, „Самини“ од Гана и популарната хорска група од Јужна Африка „Лејдисмит блек мамбазо“ која стекна меѓународна слава настапувајќи со Пол Сајмон на неговиот албум „Грејсленд“.
Дерек Картенс, директор за маркетинг при Организациониот комитет на Светскиот куп 2010, вели дека церемонијата ќе има својствено африканско обележје, со првокласна технологија и младешка тематика. Тој додаде дека првиот Светски куп одржан на африканско тло ги покажал уникатноста и шареноликиот дух и топлина на овој континент и неговиот народ. Картенс подвлече дека престојната церемонија ќе биде токму во тој дух.